Решена сум да не ја срамам државата, да направам еден мал чекор за мене, но пресуден за демократијата, а верувам дека Европската унија тоа ќе го препознае. Ова вечерва пред преполниот кавадаречки плоштад го изјави кандидатот за претседател на Македонија Гордана Силјановска Давкова, додавајќи дека Европската унија е унија на вредности, на владеење на право, на демократија, на одговорност, на еднаквост на граѓаните, на просперитетна економија, на битка со клиентелизам, непотизам, битка со тероризам, а ние таму може да постигнеме многу повеќе.
Силјановска Давкова се осврна и на македонската армија.
-Не знам зошто жена не би можела да биде врховен командант на вооружените сили. Јас мислам дека опасно е да биде командант на вооружените сили некој кој толку брзо говори, побрзо од мислите ги кажува работите, контрадикторен е, заборава што кажал…Таква конфузија е опасна. За да се биде командант треба да се мерат зборовите, треба да се брои времето, треба да се мисли на граѓаните, треба да се мисли на последиците. Тие се фалат со нашата Армија, меѓутоа заборавија да ја облечат. Боса армија не е армија, порача Силјановска Давкова, додавајќи дека и народот е бос.
Силјановска Давкова додаде дека ако можат нашите војници да нижат успеси надвор, да им се восхитуваат затоа што се посветени и професионални, крајно време е, не само на одбраната, туку и на Армијата и безбедноста, да погледнеме со широко отворени очи.
Таа вети дека доколку народот ѝ верува и ја избере, во Советот за безбедност ќе назначи и вистински експерти за безбедносните прашања.
Само луѓе од знаење може да бидат критични. А, самокритиката е здрава, оти ако не ве критикуваат ќе се замислувате дека сте нешто исклучително, дека сте нешто посебно, невидено, и ќе правите грешки. Ќе ставам крај на партизираните и политизираните луѓе во институциите во кои имам влијание.