Глас за ДУИ е глас за ВМРО-ДПМНЕ!
Оваа „волшебна“ предизборна порака на техничкиот премиер Оливер Спасовски ја отсликува директната битка на СДСМ за гласовите на Албанците во Македонија, што, пак, од друга страна неминовно говори дека на владејачката партија не и цветаат рози како што сака да претстави во јавноста. И таа битка веќе не се сведува на освојување нови, туку на враќање на изгубените гласови.
Посетата на Зоран Заев на тетовскиот пазар и влегувањето во директен дуел со пазарџиите е само уште една потврда дека СДСМ за изминатите три години многу се одалечил од албанските гласови. Дотолку повеќе што сега е во предизборна коалиција со Беса на Билал Касами, кому треба да му се извадат само пораките, што тој ги праќаше до Заев во времето кога беше опозиционер.
Иако не може прецизно да се утврди точниот број албански гласови, што СДСМ ги доби на парламентарните и локалните избори, проценките се движеа дека во 2016 година Заев успеа да откине околу 70.000, а во 2017 година околу 25-30.000 гласови. И во овие рамки не беа пресметувани гласовите на тогаш опозициската Беса, која во меѓувреме се подели на две крила.
Секоја математика вели дека на овие избори Заев и Касами треба да го одржат барем бројот на гласови, што заеднички СДСМ и Беса ги добиле на претходните два изборни циклуси. Но, самото однесување и пораките, што ги праќа СДСМ, не соодветствуваат со очекувањата, дури сами по себе говорат дека таа бројка е апсолутно тешко достижна. А, тоа не значи ништо друго, освен збогување со власта.
Оттука и нервозата кај СДСМ. Концептот Едно општество за сите е изложен на отворени критики од албанска страна и тоа не само кај главниот владин коалиционен партнер ДУИ, туку и кај сите останати партии од албанскиот блок. Ова, пак, не е резултат на лошото или не спроведувањето на концептот, воопшто, туку на не реализираните ветувања и очекувања кај обичните граѓани Албанци токму од Зоран Заев.
И вината за ова, колку и да сака, Заев не може да ја префрли исклучиво на ДУИ и нејзината етноцентрична политика, ниту на нејзината определба за прв премиер Албанец. Затоа се и залудни „волшебните“ пораки дека глас за ДУИ е глас за ВМРО-ДПМНЕ!