Македонија 04. февруари 2021. / 13:13

СДСМ: Со неуспешната интерпелација за Димитров пропадна уште еден блеф на Мицкоски

СДСМ: Со неуспешната интерпелација за Димитров пропадна уште еден блеф на Мицкоски

Пропадна уште еден блеф на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, на површина излезе уште една лага за наводно создавање на ново парламентарното мнозинство, велат од СДСМ.

– Почитувани, се редат поразите на докажаниот губитник Христијан Мицкоски и неговата антидржавна и антинародна ВМРО-ДПМНЕ. Вчера јавноста сведочеше на уште еден изгубен ден овде во Собранието. Наместо за потребите на граѓаните, цел ден се зборуваше за хировите на Мицкоски. Додека преку пленумот и преку собраниските комисиите блокира важни закони за граѓаните, како оние за поддршка на земјоделците, за унапредување на енергетската ефикасност, за поддршка на единиците на локалната самоуправа, вчера ВМРО-ДПМНЕ потроши цел ден за уште една пропадната интерпелација, за уште еден обид за опструкција, вели на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски.

Тие велат дека со неуспешната интерпелација за заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, деструкциите, и според нив неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одново биле поразени во Собранието.

– Истиот исход ги очекува и со интерпелациите најавени за вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ. Синоќа, пропадна уште еден блеф на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, на површина излезе уште една лага за наводно создавање на ново парламентарното мнозинство. Пораз по пораз, лага до лага, тоа е учинокот на партијата предводена од Мицкоски, велат од СДСМ.

Тие додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ преку неосновани и пропаднати интерпелации ја опструира работата на Собранието за исполнување на личните хирови на Мицкоски.