Во рамките на своите надлежности повеќе институции, на локално и централно ниво, како и Градот Скопје преземаат мерки и работат на решавање на наследниот проблем со загадениот воздухот, којшто 11 години беше игнориран од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштение на СДСМ.
Од владејачката партија додаваат дека покрај мерките коишто ги преземаат институциите на централно ниво, и Градот Скопје на овој, како што велат, наследен проблем, му пристапува стратешки и реализира мерки.
Во продолжение на соопштението, од СДСМ наведуваат дел од мерките преземени од градските власти во Скопје:
– Обновување на дрворедите на скопските улици, при што, според партијата, обновени се дрвореди и засадени се нови во Ѓорче Петров и на Бит Пазар.
– Во пролетната акција за засадување дрвја биле засадени повеќе од 6.000 нови дрвја, а како што додаваат од СДСМ, во есенската акција за зазеленување на Скопје предвидено е засадување на нови 3.500 садници.
– Во изминативе 6 месеци подигнати биле нови и реконструирани биле зелени површини на над 50.000 метри квадратни. Од владејачката партија најавуваат нови големи зелени површини – нов парк позади Македонската филхармонија и нов парк – зелен кров на ГТЦ.
– Зголемен бил инспекцискиот надзор на индустриските капацитети, зголемен бил и капацитетот на инспекциските служби кои работат во две смени и ги контролираат сите.
– Засилени биле контролите на целата територија на Скопје за диви депонии.
– Формирано е новото јавно претпријатие за гасификација и проектирање на гасоводен систем и како што велат од СДСМ, интензивно се работи и на проширување на топловодната мрежа.
– Оваа година доделени се субвенции за граѓаните кои се греат на печки на дрво и останати течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат многу помалку.
– Во јавниот градски превоз биле вклучени неколку еколошки автобуси на гас кои не го загадуваат воздухот, а воведен е и електричен автобус.
– Воведени се бесплатни автобуски линии до Водно, за растеретување на сообраќајниот метеж и олеснување на пристапот за сите граѓани. Од партијата наведуваат дека бесплатниот автобуски превоз во деновите на висока загаденост е една од мерките кои се активираат кога е потребно.
– За зголемување на енергетската ефикасност Град Скопје ги заменил фасадите на 11 средни училишта, чии објекти биле детектирани како загадувачи на воздухот.
– Набавени се прочистувачи на воздухот за сите средни училишта на Град Скопје.
– Се преземаат акции за рачно миење на градските улици и булевари за намалување на прашината и ситните честички.
Презентирајќи ги овие мерки, од СДСМ велат дека тие се само дел од планот како Скопје повторно да биде чист и зелен град. Оттаму додаваат дека за две години се очекува загаденоста на воздухот да се намали за 50% во Скопје и 30-50% во другите градови.