Македонија 30. декември 2019. / 10:59

СДСМ надграден и проширен: На анкетата на „Рејтинг“ сами си гласале, на избори со „сигурни гласачи“

СДСМ надграден и проширен: На анкетата на „Рејтинг“ сами си гласале, на избори со „сигурни гласачи“

Сторијата на Алфа ТВ за мобингот и бркањето од работа на вработените во Општина Лозово, Виолета Спасова и Снежана Цветковска, од страна на градоначалникот Ацо Велковски, ги открива начинот на работа, методите и средствата со кои СДСМ секој ден го надградува и проширува своето владеење. А, капак на се,  Вечер.мк откри вајбер комуникација во која на ачик излегува „штелата“ на последната анкета на Рејтинг во која премиерот во заминување Зоран Заев и неговата партија имаат предност пред Христијан Мицкоски и  опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од комуникацијата на партиските војници на СДСМ јасно се гледа дека партијата за претстојните предвремени избори се подготвува според принципот 20+, што значи дека секој член треба да обезбеди по 20 гласачи плус и тие, според интерниот партиски проект насловен како „сигурен гласач“, се здобиваат со статус на „сигурни гласачи“.

Според тој проект, најекспонираните членови на партиските ограноци во сите општини во државата треба да обезбедат нови „гласачки кадри“, пред се, од редовите на администрацијата, без разлика дали спаѓаат во редот на нововработените или, пак, се со долгогодишно работно искуство.

Објавената вајбер комуникација сигурно не помалку значајна е и од аспект на последната анкета на Рејтинг. Од неа е евидентно дека партиските војници на СДСМ добиле задача самите да се јавуваат и да учествуваат во анкетата, што требало и со порака да го потврдат. Ова, пак, укажува дека анкетарите не се јавувале по случаен избор, туку оти добивале повици или он-лајн пријавување.

Токму тоа го потврдува предупредувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека владејачкиот СДСМ, соочен со падот на рејтингот, подготвува нарачана анкета. Ова од една страна, а од друга, тоа е и објаснување на што се должат сегашните добиени резултати на истата агенција Рејтинг, чија анкета во јуни имаше сосема спротивни податоци и бројки.