СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава против пратеникот, Антонио Милошоски за одавање на државна тајна. Ова го соопшти денеска на прес-конференција, Мухамед Зекири, потпретседател и пратеник од СДСМ.
„Милошоски, со тоа што изнесе детали од Извештај од лидерска средба, кој го добил од Кабинетот на претседателот, а кој е класифициран како државна тајна, директно го прекрши членот 317 од Кривичниот законик“, рече Зекири.
Додаде оти Милошоски бил предупреден и од претседателот на Собранието Талат Џафери дека станува збор за државна тајна, која не смее да биде јавно споделена.
„Јавноста треба да знае дека Милошоски од 2015 година не поседува безбедносен сертификат за државна тајна, поради што не може и не смее да има пристап до такви информации. Поради тоа Милошоски немал право да го бара тој извештај, а Кабинетот на претседателот не смее да го даде Извештајот на пратеник кој што нема безбедносен сертификат. Од тие причини, против Милошоски и против тој што му го доставил документот ќе поднесеме кривична пријава за оддавање државна тајна, врз основа на член 317 од Кривичниот законик“, истакна Зекири.
Тој напомена дека досега дека од осамостојувањето на Македонија, не се случило вакво неодговорно однесување и флагрантно кршење на законите од страна на избрани функционери, посебно од страна на претседател на држава и претставник на политичка партија.