СДСМ синоќа на 19-та седница на Централниот одбор ги распиша првите внатрепартиски избори за избор на претседател кои ќе се одржат на 21 март 2021 година.
Од владеачката партија известуваат дека утврдени се критериумите за кандидатите за претседател на СДСМ, како и начинот и постапката за кандидирање.и дека избрана е Централна изборна комисија од пет члена која ќе ги спроведе внатрепартиските избори.
Следува формирање на општински изборни комисии во сите 80 општини каде што СДСМ има општински организации.
-Горди сме што сме пример и што водиме напред во многу државни но и партиски процеси. СДСМ се менува, се демократизира, се подобрува, за подобро да им служи на граѓаните и да внесе нови демократски вредности во нашето општество. На овој начин ќе поттикнеме поголема демократија во државата, но и други партии во нашата држава да се демократизираат. Носиме нова, додадена вредност во плурализмот во Република Македонија, порача претседателот Заев.
Генералниот секретар, Љупчо Николовски акцентираше дека СДСМ, како модерна, напредна и организирана партија е целосно подготвена за овој процес од сите можни аспекти.
-Веќе од утре Централната изборна комисија ќе започне да функционира, во сите 80 општини каде што СДСМ има општински организации ќе се формираат општински изборни комисии, ќе следуваат и Одбори на избирачките места и се што е потребно за овој процес кој за прв пат се организира кај нас. СДСМ е прогресивна, модерна, европска партија и овој процес ќе го направиме по највисоките демократски и организациски стандарди. Следуваат серија активности за кои граѓаните ќе бидат информирани, рече генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.