Македонија 29. декември 2019. / 16:50

СДСМ бара ВМРО ДПМНЕ да предложи друг кандидат за технички министер за внатрешни работи

СДСМ бара ВМРО ДПМНЕ да предложи друг кандидат за технички министер за внатрешни работи

СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи друг кандидат за технички министер за внатрешни работи и оценува дека по отворањето на дебатата во јавноста, јасно е дека предлогот што опозициската партија го изнесен на синоќешната лидерска средба е спротивен на Уставот.

– Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висина на задачата и одговорноста која ја има со влезот во преодната Влада и порачуваме дека остануваме отворени за наоѓање прифатливо решение со кое нема да се крши Уставот. До 3 јануари има доволно време да се постигне согласност и да продолжиме кон подготовката на изборите кои ќе се случат на 12 април – соопштија од СДСМ.

Според партијата, Уставот е јасен и оти согласно со членот 97, лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана треба да биде цивилно лице најмалку три години пред изборот на таа функција. Во членот 2 од Законот за полиција се прави јасна разлика помеѓу униформиран и неуниформиран припадник на полицијата, што значи дека униформираните вработени не можат да бидат избрани за министри, и тоа е исто и во двете министерства.

– Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на уставот и затоа партијата треба да предложи друг кандидат – нагласуваат од СДСМ.