Реализацијата на стратешка рамка на Владата „Акција 21 – за европски стандарди дома” е главниот фокус на Владата предводена од СДСМ во 2021 година, се наведува во партиското соопштение.
Прв приоритет од партијата велат е правосудството и негово прочистување со цел обезбедување на силна и ефикасна правна држава која испорачува правда.
Вториот приоритет е бескомпромисна и неселективна борба против корупција, којашто ќе се постигне преку воспоставување на јасни механизми за интензивна соработка меѓу сите надлежни фактори, преку силна политичка волја и мотивација на секој граѓанин.
Од СДСМ најавуваат и засилен ангажман во акцијата за чиста и здрава животна средина
-2021 година ќе биде година на конечно запирање на ширењето на КОВИД-19 и санирање на штетите од глобалната криза. Работиме на навремена и брза вакцинација. Во февруари, Република Северна Македонија ги добива првите дози на Фајзер вакцината. Постигнат е директен договор со компанијата, а следните дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во март и април. Продолжуваат разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ како и преку Ковкакс механизмот и се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини, се вели во соопштението на партијата.
Најавуваат дека во јануари се очекуваат и фрижидерите за складирање на вакцини и со тоа македонскиот здравствен систем ќе биде целосно подготвен за вакцинацијата. Преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка, додаваат од партијат, светските и европски стандарди ги носиме дома.
Светот сведочи дека ова е една од најдинамичните индустрии во светот и политиката на Владата предводена од СДСМ да ги поддржува компаниите кои влегуваат во овој бизнис кој во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места.
Меѓу десетте приоритети од „Акција 21″ се и спроведување на попис според стандардите на ЕУРОСТАТ, вложувања во енергетиката и инфраструктурата, борбата против лажните вести, реформи во образовниот систем, како и искористување на нови економски потенцијали.