Новоизбраниот претседател на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, вели дека блокадата на преговорите во ЕУ ја освести европската јавност за важноста на ова прашање. За Сасоли, француското вето на последниот самит е само мала пречка на патот која ќе се надмине во наредните месеци.
Пред неговата посета на Македонија в понеделник, тој во интервју за МИА вели дека за првата посета надвор од ЕУ на Македонија и Албанија се одлучил затоа што верува дека земјите направиле огромни напори да станат членки на ЕУ и дека треба тоа да се признае и да им се помогне во нивниот пат.
– Нема да се откажеме. Најдоброто нешто, освен тоа што има мала пауза во процедурите сега е што владите, парламентите и јавното мнение во ЕУ поддржува отворање на пристапните преговори со овие земји. Ова е точно и на север, и на југ и на исток, и на запад на ЕУ. Како во секој демократски процес, се разбира, мораме да постигнеме одлука со консензус. Имаше минорни противења во овој случај, но верувам дека многу скоро ќе можеме да ја надминеме оваа пречка. Северна Македонија и нејзиниот народ тргна на пат кон многу важни реформи и тоа го сторија затоа што веруваа дека тоа ќе ги отвори вратите за членство. Ние ги вреднуваме овие резултати како крајно позитивни. Ова е вистина и во Европскиот Парламент и Европската Комисија но и во огромното мнозинство влади на земјите членки. Имаме заедничка судбина, вели Сасоли.
Тој додава дека следните шест месеци ќе бидат многу важни и дека потребно е да се стигне со консензус од европска страна до самитот во Загреб.
– Тоа што ќе го стори новата Европската Комисија ќе биде одлучно. Веруваме дека новата Комисија ќе го следи истиот пат како и Комисијата на Јункер, дека ќе продолжи со овие напори и ќе ги трансформира во нешто солидно. Не губиме време и наредните шест месеци нема да бидат изгубени. Ова ќе биде исто така можност да ја истакнеме нашата одлучност. Има само една пауза на еден долг пат, но последниот збор сѐ уште не е кажан. Друга работа која за нас е импресивна е тонот на јавната дебата во Северна Македонија: секако дека луѓето се разочарани, тоа е природно, но има силен сигнал на надеж, ова е многу позитивно и мораме да градиме врз тоа, вели Сасоли.
На прашањето дали француското вето може да му наштети на кредибилитетот на ЕУ, Сасоили дециден дека не може и дека перспективата за членство не е мртва туку ова било само една мала пречка на патот. Тоа што треба е да продолжат со напорите.
-Не, не е мртва, туку е пожива од што беше вчера. Од една проста причина: до скоро за оваа тема не се зборуваше во јавноста. Сега да. И ова е несомнено е предност во процесот кон пристапните преговори. Моторот на ЕУ се граѓаните, а не само лидерите, изјави Сасоли.
Целото интервју за МИА може да го прочитате тука.