Рускиот бизнисмен и почесен конзул Сергеј Самосоненко тврди дека поранешен негов близок соработник заедно со сопственик на фирма се обидуваат да му земат речиси два милиони евра откако издејствувале фирмата да отиде во стечај заедно со имотот на атрактивна локација – хотелот на плоштадот во центарот на Скопје, пишува Телма.
Се почнало во 2016 година кога Самсоненко почнува да го гради хотелот и ангажира фирма како изведувач на системот за вентилација и греење, фирма со која и претходно соработувал. Според првичниот договор, доколку дојде до заостанување во плаќањето или во изведувањето на работите надлежен бил Основниот суд 2. Според адвокатскиот тим на Самосоненко, заостанување имало но пречките биле надминати и долговите израмнети.
Тогаш според нив на сцена стапува директорот Ратко Капушевски кој заедно со сопствениците на ангажираната фирма изготвиле фалсификат договор со фалсификувани печати според кој надлежен за спор повеќе не е суд туку извршител. Договорот е заверен во нотарската канцеларија „Папазов“ во отсуство на Самсоненко, а долгот е проценет на 119 милиони денари.
Одлуката на судот ќе биде фирмата „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ да оди во стечај заедно со хотелот на скопскиот плоштад.
– Имаме сомнеж дека се работи за организирана шема, со спрега со фирми, посредници и дел од надлежните, позната во светот како организирано превземање на објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување на штета. Ова не може да биде случајно ниту пак да се организира без спрега на повеќе субјекти“, смета Александар Новаковскима адвокат на Сергеј Самсоненко.
Од друга страна пак, Капушевски ги отфрла наводите од Самосненко и неговиот адвокатски тим и вели дека станува збор за процес во кој законски застаруваа финансиските обврски и затоа бил солемизиран договорот со нотарски правен акт каде доверителот започнал судски да ги побарува своите средства.
– Јас не сум дел во ниту еден од наведените процеси, а најмалку од некој фалсификати кои го споменува адвокатот. Јас ниту можам да влијаам на одредена постапка ниту сум влијаел, тука нема ниту кривични дела ниту фалсификати тука има еден и единствен проблем должничко доверителски односи . Контрадикторност гледам каде адвокатот кажува записници за признавање долгови кои се основен проблем помеѓу страните а потоа фалсификати на документи во кои немам никакво учество“, вели Ратко Капушевски.
Самсоненко и неговите правни советници уште во февруари поднеле кривични пријави против три лица а случајот е пријавен во МВР и во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Тие не ја исклучуваат можноста да бараат заштита и од меѓународните судови доколку надлежните во Македонија не постапат по нивните пријави.