Македонија 22. јули 2020. / 09:23

Само Алијанса и Интегра досега поднеле 76 тужби до Управниот суд

Само Алијанса и Интегра досега поднеле 76 тужби до Управниот суд

Досега само Интегра и коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива поднеле тужби до Управниот суд по решенијата на Државната изборна комисија за отфрлање на приговорите поднесени од политичките партии за предвремените парламентарни избори.

Интегра има поднесено една, а АА и Алтернатива 75 тужби, кои Управниот суд треба да ги разгледа на јавна седница во рок од 60 часа од нивниот прием.

Левица и ВМРО-ДПМНЕ, исто така, најавија дека ќе поднесат тужби до Управен суд по решенијата од Државната изборна комисија за орфлање на приговорите за изборни нерегуларности. Рокот за поднесување тужби до Управниот суд е 24 часа откако политичките партии ќе ги добијат решенијата од ДИК.

Портпаролот на ДИК. Адмир Шабани, вчера информираше дека до 14 часот решенијата од Комисијата за отфрлање или одбивање на приговорите ги подигнале претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива, на Интегра, на МОРО, на Демократи и на Левица, појаснувајќи дека доколку некоја од партиите не ги подигне решенијата, ДИК им ги испраќа по електронска пошта.

Од ДИК посочуваат дека пет часа по испраќањето се смета дека решенијата им се уредно доставени на партиите.

По одлуката на Управниот суд и добивањето на евентуалните одлуки од Уставниот судот, за заштитата на избирачкото право, во ДИК, согласно законот, Комисијата ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе им издаде уверенија на избраните пратеници. Крајот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август.