Македонија 26. мај 2020. / 12:28

Русковска: Парите што се барани во „Рекет“ не можеме ни на сон да ги замислиме

Русковска: Парите што се барани во „Рекет“ не можеме ни на сон да ги замислиме

Обвинителството докажа дека обвинетите ги сторија кривичните дела кои им се ставаат на товар. Од одбраната на Јанева се уверивме дека истата се’ уште е во филмот „Чарлиевите ангели“.

Вака обвинителката Вилма Русковска денеска ги започна завршните зборови во случајот „Рекет“.

-Но, вистинскиот филм овде е борбата на доброто против злото. Видовме се ама не видовме ништо добро. По Јанева заедно со „Чарлиевите ангели“, најголемиот дел од нас ги издигнавме на највисокиот пиедестал во една држава, а тоа е пиедесталот за борба за правда и правичност. Од тие кои ги поддржувавме, доживеавме разочарување кога клучниот лик на „Чарлиевите ангели“ премина на страната на злото, рече Русковска.

Таа понатаму зборуваше за мометите кога дознала за случајот од бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во случајот „Империја“.

-Кога Камчев дојде во обвинителството и кажа што се случувало, мислев дека се наоѓам во лош сон. Износите на пари кои се барани повеќето од нас не можеме да ги замислиме ни на сон, а не на јаве, изјави Русковска.

Таа тврди дека неспорно од сведочењето на Ана Камчева се докажало како на Боки му се дадени првите 500 000 евра.

-Како течела исплатата на првите 500.000 евра се докажа од сведочењето на Камчева. Првите 350.000 евра ги носела во домот на Јовановски. А, другите Камчев требало да ги исплати како позајмица од Зоран Милески-Кичеец. Сергеј Варошлија потврди дека ги видел Камчева и Милески еднаш како доаѓаат во канцеларијата на Боки, тоа не значи дека не доаѓале и повеќе пати. Варошлија рече дека еднаш и во домот на Боки ги видел како доаѓаат, но рече дека Ана Камчева не носела ништо. Но, најдете една жена која оди каде било без чанта,  рече Русковска.

Како течело договарањето за останатите еден милион, таа рече дека се докажало од исказот на Камчев кој раскажал детално како се договарале по излегување од притворот во Шутка.

Во таа насока таа цитираше и делови од снимките кои беа објавени и во весникот „Ла Верита“.

Русковска се осврна и на сведочењата на останатите сведоци кои се појавија во судницата за овој случај.