Обвинителката што го водеше случајот „Рекет“, Вилма Рускоска за „Лидер“ информира дека против поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, се води уште еден случај кој е во предистражна постапка.
Станува збор за случај за делењето бонуси во СЈО.
Ако се докаже дека има дело ќе се покрене обвинение – потврди Рускоска за „Лидер“.
Преку базата „Отворени финансии“, јавноста дозна дека обвинителите во СЈО земале бонуси за доверливост за тоа што го слушале во т.н. „бомби“ од прислушуваните разговори.
Алатката покажува дека во изминатите четири години најмногу пари легнале на сметка на обвинителката Катица Јанева (157.000 евра). Останатите суми во топ 6 се движат меѓу 70.000 и 107.000 евра што е неколкукратно повеќе од основната плата на обвинителите.
Катица Јанева останува во домашен притвор, се до правосилност на пресудата за „Рекет“ со која таа е осудена на седум години затвор, на која сега има право на жалба.
И прво обвинетиот во случајот „Рекет“ Боки 13 останува во затворот Шутка, одлучи судечкиот совет и судијката Васка Николовска – Масевска, по предлог на адвокатите на обвинетите. Судот на Боки 13 му изрече казна затвор од девет години.