Домашни дипломати за порталот НОВА коментираат дека рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак со учеството и говорот на протестот организиран од партијата „Единствена Македонија“ пред Руската амбасада за поддршка на протераниот дипломат ги пречекорил овластувањата на својот дипломатски мандат определени со Виенската конвенција.
Не се памети еден амбасадор, акредитиран во земјава, да учествува на митинг на политичка партија, коментираат тие.
,,Со вчерашниот настан, рускиот амбасадор се вмеша во внатрешните работи на Република Македонија. Тоа беше собир на регистриран политички субјект – партијата на Јанко Бачев. Рускиот амбасадор учествуваше на политички митинг на политичка партија во Македонија, а тоа не е дозволено. Ова е кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи“, велат за НОВА соговорници.
Според нив, ако присутните сакале да се видат со рускиот амбасадор, можеле да влезат во амбасадата, каде што според принципот на екстериторијалност е руска територија и таму да си кажат се. Но, на македонско тло, тој не смее да има политички активности и да учествува на собир на политичка партија.
Вториот спорен момент е што амбасадорот се заблагодарува на недоличните коментари и на навредите упатени кон македонските власти.
„Тоа е навреда на високи претставници на државата во која е акредитиран и тоа е недипломатски потег. Амбасадорот ги прима акредитивите од претседателот на државата и премиерот и со тоа што рече: „Ви благодарам на коментарите“, всушност го навредува премиерот на државата“, коментираат за НОВА нивните соговорници.
При вакви дипломатски инциденти, практика е амбасадорот да се повика во МНР, за да му се укаже дека треба да се држи до рамките на својот мандат.
Од Владата пак, на прашањето на НОВА, кусо одговорија дека „правото на протест е неприкосновено право на граѓаните на Република Македонија се додека не е загрозена јавната безбедност. Но, говорот на омраза и навредите се неприфатливи и се за секоја осуда, како и поддршката за истите“, и се посочува дека Македонија негува пријателски односи со Русија и верува дека ќе ги унапредува и понатаму, а членството во НАТО нема да го наруши ова пријателство.
Од НОВА исратиле за темата прашање до руската амбасада, но наместо одговор добиле прашање.
Целата статија може да ја прочитате ОВДЕ.