Не е работа на политичарите на Република Северна Македонија да го коментираат внатреполитичкиот живот во Бугарија, така како што јас не го коментирам и не се занимавам со внатрешнополитички прашања на Република Северна Македонија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат бугарските медиуми.
Коментирајќи ја поддршката на Бугарија за започнување на преговорите за прием на Северна Македонија во ЕУ, тој изјави дека идеологиите и манипулациите на тоталитаризмот немаат место во обединета Европа. Според него, задача на политичарите е да ги доближуваат позициите и во тешки моменти.
-Јас го поканива претседателот Пендаровски да ја посети Бугарија уште за време на инаугурацијата, на која лично присуствував. Имавме една многу корисна средба. Неколку пати ја потврдив својата покана до него и очекувам да најде време да дојде во Бугарија. Не треба да се чека. Политичарите од двете страни имаат заедничка одговорност да бараат пристапи, што ќе не зближуваат, а не поводи кои ќе не делат и идеологијата и манипулациите на тоталитаризмот немаат место во обединета Европа. Затоа и нашата позиција е јасна. Затоа и нашата позиција е во интерес на историската вистина и недозволување на меѓусоседски проблеми во заедничкото европско семејство. Нашата позиција е најмногу во интерес на Република Северна Македонија, зашто внесува јасни европски критериуми, изјави Радев.