Македонија 11. октомври 2020. / 19:00

Рудникот Саса од вторник почнува со првата фаза од чистењето на речното корито на Каменичка река

Рудникот Саса од вторник почнува со првата фаза од чистењето на речното корито на Каменичка река

Рудникот Саса во вторник ќе го отпочне процесот за чистење на истечената јаловина при хаваријата што се случи на 14 септември годинава. Во своето соопштение до јавноста од рудник Саса велат дека ова ќе биде прва фаза за отстранување на хиројаловината која истеле во коритото на Каменичка река.

 Од вторник (13 октомври) Рудник Саса ќе отпочне со прва фаза на отстранување на јаловина која истече како резултат на инцидентот на Хидројаловиште на 14 септември по течението на реката во должина од 11,5 километри. Чистењето на јаловината ќе се одвива согласно техничка документација во чија подготовка учество зедоа домашни и странски експерти. Оваа фаза од чистењето ќе започне од речното корито кое поминува низ градската зона на Македонска Каменица, а потоа ќе продолжи по целата должина на реката, од јаловиштето на рудникот САСА, па сѐ до езерото Калиманци, информираа од рудникот.

За чистење на речното корито кое поминува низ градската зона на Македонска Каменица, како што се додава во соопштението, ќе биде употребена механизација, согласно предвидена метода за чистење, а собраниот наталожен материјал ќе биде адекватно отстранет и дислоциран на соодветни локации во рудникот.

– Притоа ќе бидат преземени сите мерки за да се минимизира сообраќајот на возилата во центарот на градот како резултат на овие активности за расчистување. Динамиката на работа ќе се прилагодува на временските услови и ситуацијата на теренот и затоа ве молиме за трпение и внимателно движење во зоните на извршување на работите, додаваат од рудник Саса.

Истовремено, како што се посочува, со цел работата да се доведе во ред, рудник САСА и понатаму останува отворен за сите мислења и предлози на граѓанитее. Своите предлози граѓаните можат да ги достават во канцеларијата на Рудник Саса сместена во зградата на општината Македонска Каменица, која работи секој петок, од 8 до 16 часот, со почитување на сите превентивни мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.