Денеска е последниот ден во кој првосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 и третоосомничената Катица Јанева во случајот „Рекет” имаат можност да прават увиди во доказите за овој предмет во кој се гонат. После ова треба да следува обвинение.
Јовановски и Јанева сѐ уште немаат дадено исказ пред обвинителката Вилма Русковска откако се осомничени во „Рекет“. Нивните адвокати побараа прво да направат увид во доказите, па потоа нивните клиенти да дадат исказ.
Премиерот Зоран Заев викенодв изјави дека очекува пред 15 октомври да заврши истрагата со обвинителен акт за случајот „Рекет“.
Пред 15-ти завршуваат 90 дена од истрагата, по што очекувам да биде завршена со обвинителен акт и граѓаните да ги знаат сите вистини. Тоа ќе го охрабри правосудството и понатаму да одлучува исклучиво и по Устав и по закон и по сопствено убедување и затоа што ветивме правна држава, владеење на правото. Право еднакво за сите, еднакви граѓани пред правниот систем, изјави Заев.
Тој забележа дека за разлика од опозицијата, којашто би го прикрила овој случај, власта предводена од СДСМ го пријавува случајот и тоа лично премиерот. Заев порача дека правната држава значи и економски раст, инвестиции, но и мотивација младите да останат во земјата.