Власта, Фејсбук и Твитер се покажаа како најжестоки бојкотирачи во претреферендумскиот период. Иако не го прифаќа бојкотот на референдумот како демократско право, доследно го спроведуваат на дело. Секако, моќта ѝ е голема, а раката долга, пишува Република.
“Постојано се предупредува дека се бришат коментари и профили на лица кои повикуваат на #бојкот на референдумот за промена на уставното име на Република Македонија, а се бришат и Фејсбук страници на критичките медиуми кои се коректори на политиките на алтуелната власт.
Жртва на бојкотот на Фејсбук е и порталот Република.мк. Официјалните Фејсбук страници на порталот, Република online, Republika English и Republika Shqip на 14 август беа избришани од Фејсбук без никакво образложение.
Проблемите со Фејсбук започнаа на 2 август, што во мал дел влијае врз финансиската состојба на ДНИД Прва Република д.о.о., а во голем дел влијае врз читаноста и посетеноста на медиумот republika.mk, english.republika.mk, shqip.republika.mk.
На 2 август, без никаков повод и причина, бевме исклучени од бизнис-програмата на Фејсбук. Фејсбук ги укина бизнис-профилите на двајцата администратори, со што останавме без можност за увид во сметката, а веднаш потоа, уште истиот ден, ни беше укинат FBIA, инстант артикал. Исто така, Фејсбук не ги реализира своите обврски кон Прва Република за јули, иако финансиски месецот беше заокружен. Треба да се нагласи дека пред да бидеме вклучени во бизнис-програмата на Фејсбук, групацијата вршеше евалуација на нашата дотогашна работа на Фејсбук и бевме оценети како соодветни да се вклучиме.
Запознаени сме со строгите правила за споделување на содржини на Фејсбук, ги следиме новостите и ги почитуваме неговите стандарди, па затоа сме непријатно изненадени и затечени зошто без никакво образложение сме неправедно и нелојално оттурнати од Фејсбук како доминантна социјална платформа за комуникација и информирање во Република Македонија.
Нашиот портал НЕ Е ЛАЖЕН портал кој објавува лажни вести, зад него стои правно лице, кое подлежи на сите позитивни и негативни правни прописи во Република Македонија.
Нашите информации се дека станува збор за сериозен политички притисок од власта врз Република за намалување на влијанието врз јавното мислење во пресрет на референдумот за промена на уставното име на Република Македонија. Затоа, мислиме дека Фејсбук е изманипулиран од политички центри на моќ од Македонија во врска со нашата работа. Нашите политички ставови и уредувачката политика се наше дискреционо право и не очекуваме да им се допаднеме на сите корисници на Фејсбук до кои стигнуваат нашите вести. Не повикуваме на насилство, не шириме говор на омраза, ги почитуваме и ги поттикнуваме етичките и моралните кодекси во новинарството”, објави Република.
Целиот текст можете да го прочитате овде