Пратеничката од СДСМ Фросина Ташевска-Ременски во интервју за „Економски Лидер“ говореше за актуелните случувања на македонската политичка сцена.
Евроатлантаската иднина на Македонија е пресериозно прашање за да го наречеме политичка игра, смета Ременски и додаде дека јавноста сеуште не е свесна за важноста на одлуката за промена на уставното име и перспективите кои ни се отвораат.
Таа кажа дека судскиот процес за настаните од „27 април“ е сосема различен од помирувањето кое го побара премиерот Зоран Заев во собранискиот говор.
Ременски мисли дека ВМРО-ДПМНЕ бега од одговорност со тоа што исклучува членови од своите редови. Според пратеничката Македонија не плаќа преголема цена со тоа што од неа се бара да си го смени името, затоа што иднината на државата нема ниту цена, ниту алтернатива.
Бурен политички период, напнато и неизвесно. Македонската јавност е сведок на секојдневни превирање, но и неочекувани потези од политичарите кои во моментов ја кројат иднината на Македонија. Собранието даде пас за отворање на Уставот. Чиста случајност или прецизна математика?
Кога е во прашање евроатлантската иднина на РМ и на граѓаните тешко може да се каже дека одлуките на политичарите се случајни. Напротив, изминатиот период во политичкиот дискурс се искристализираа двете визии за Македонија – првата, европската иднина на перспективна и безбедна Македонија и втората, неизвесната и нестабилна иднина на изолирана Македонија. Не можам, а да не кажам дека преовладеа свеста за важноста на одлуката да се отворат перспективите за државата и да не се претставува во јавноста илузијата дека, Македонија може да стане членка на НАТО и ЕУ без решен спор за имието и добрососедски односи кои ќе градат регонална стабилност и развој. Колегите од опозицијата се свесни дека овој политички амбиент за евроатлантската иднина на нашата земја нема да се повтори и се радувам што смогнаа храброст и покрај сите притисоци од јавноста и партијата, да се издигнат на нивото на нашиот наднационален и надпартиски интерес.
Опозицијата до Законодавниот Дом ќе достави закон за амнестија, за нив ова е еден дел од политичкото помирување. Постои ли можност мнозинството да гласа ваков закон со што би се помилувале сите обвинети од 27 април?
Мора да направиме јасна разлика помеѓу суштината и значењето на поимите простување, помирување и амнестија. Ова е важно не само заради разбирање на процесите кои ни се потребни, туку и заради непоистоветувањето на истите. Настаните од 27 Април ќе останат запишани во парламентарната историја на РМ како настан кој никогаш повеќе не треба да се случи. За да се обесхрабрат во иднина сите вакви или слични сценарија потребна е соодветна казна за организаторите е учесниците во настаните. Покрај санкциите, потребна е јасна осуда на насилството од страна на сите општествени чинители без да барање на оправдување за насилството и говорот на омраза кој стана македонско секојдневие. Културата на неказнивост можа да поттикне нови, посурови чинови на насилство под изговор за бранење на некого или нешто. Граѓаните не смеат да влезат во самовластие, поттикнати од политичка реторика или говор на омраза. Лицата кои тогаш раководеа со МВР и кои беа задолжени за спроведување на безбедносната проценка за настаните околу Собранието и требаше да се грижат за Собранието како објект од витален интерес за безбедноста на државата, а со тоа и за безбедноста и животот на пратениците во овој судски процес треба да бидат соодветно санкционирани. Тоа не ја намалува вината на организаторите и лицата кои извршија директно насилство.
Простувањето за овие настани е индивидуален чин и не е поврзан со судскиот процес за настаните. Простувањето секогаш доаѓа од жртвата, заради ослободување од чуството на гнев и тоа најчесто доаѓа по чин на покајание и извинување од страна на сторителот. И за простувањето и за помирувањето потребна е обострана волја, но не секогаш простувањето звршува со помирување.
Ние како постконфликтно општество скоро и да немаме почнато процес на помирување – интеретничко и интраетничко. Тоа ни е потребно заради стабилноста и мирот на идните генерации граѓани. Тој чин на ослободување од предрасуди и прекари е здраво за иднината на општеството и граѓанската солидарност генерално. Затоа, рабката за процесот на помирување во ниту еден случај не може и смее да се врзува исклучиво со настаните од 27 Април, туку многу пошироко. Иницијатори на оој процес најчесто се политичарите, но учесници мора да бидат сите општествени чинител кои го градат амбиентот на толеранција, соживот и почитување.
Оттука, останува да видиме каков закон ќе предложи опозицијата и дали помирувањето го сфаќа како што спомнав погоре или пак исклучиво како процес за бегање од одговорност за 27 април.
Политичките игри не завршуваат, напротив туку што започнуваат. Како потпретседател на СДСМ, но и на Собранието, дали освен 8-те пратеници мнозинството се обидува да придобие уште нови гласови, со кого и што се преговара?
Евроатлантаската иднина на Македонија е пресериозно прашање за да го наречеме политичка игра. Но, еве и да го наречеме овој процес „политичка игра“, „во игра“ се сите кои Македонија ја гледаат во ЕУ и НАТО, преку поддршка на уставнте измени согласно обврските од Договорот помеѓу Македонија и Грција. Убедена сум дека времето пред нас ќе обедини поголем број на пратеници кои ќе ја донесат одлуката со која ќе ја обезбедат иднината на генерациите граѓани по нас. Колку и да го квалификуваат овој политички процес како предавство и сл., немам дилема дека во иднина резултатите и придобивките за државата и граѓаните од него ќе го оценат како најпатриотски чин на оваа генерација политичари-реалисти.
Ваша проценка кога може да се очекува заокружување на целата постапка околку амндманите и кога би се гласале уставните измени? Можно ли е бројот на поддржувачите да расте?
Постапката за уставни измени е јасно пропишана со деловникот за работа на Собранието – надлежни работни тела, начи на гласање, јавна дискусија и време за разгледување на уставните амандмени и гласање по истите. Максималните рокови се околу 100 дена, што не значи дека роковите не можат да се скратат. Очекувам уставните измени и донесувањето на уставниот закон да бидат донесени во јануари 2019 година, за кога се очекува и потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во НАТО и ратификација на истиот во парламентите на земјите членки, меѓу кои како прв ќе биде грчкиот парламент. Ратификацијата на протоколот за членство во НАТО од страна на земјите членки очекуваме да оди многу бргу, имајќи ја во предвид поддршката искажана и од владините претставници, но и од претседателите на парламентите на земјите членки на НАТО. На ова мора да додадам дека македонската јавност не треба да има дилема дали грчкиот парламент ќе ја ратификува Спогодбата со Македонија. Тоа ќе се случи, заради заемниот интерес на двете држави да започнат процес на градење пријателство, поддршка и поттикнување на регионалниот економски развој на Балканот, заедно со другите соседи. Самиот процес на амандманска дебата за уставни измени ќе покаже и потврди дека, ништо од тоа што беше пропгирано како крах, умирање на државата и народот не е вистина. Напротив, ќе ги зајакнеме гаранциите за заемно пријателство помеѓу Македонија и Грција преку заемна грижа за границите, со обврска за почитување на човековите права на своите државјани кои се декларираат како етнички различни и со истакнување на одлуките на АСНОМ. Дополнително, во текот на дебатата за одлуката за пристапување кон уставните измени беше потенцирана потребата за вградување и на опозицијата во целиот овој процес и можноста и тие да предлагаат амандмани во контекст на посочените измени и одредби од договорот кои се однесуваат на гаранциите на македонскиот национален идентитет, правото на национално самоопределување и македонскиот јазик кои успеавме да ги заштитиме и обезбедиме во Договорот.
Крупни промени се случија и во најголемата опозициска партија. ВМРО ДПМНЕ од своите редови исклучи луѓе кои беа синоним за партијата. Како го коментирате овој потег? Пaртиска чистка или добро осмислено сценарио? Кој загуби, а кој доби од оваа чистка?
Далеку од тоа дека промените се крупни, за да може да се оквалификуваат така. Би кажала дека со овие „промени“ ВМРО-ДПМНЕ само го покажа својот „демократски капацитет“ и ја преориентира својата политика кон Исток. Не сметам дека, анлизата на внатрепартиските состојби во опозициската партија треба да биде фокус на политичките анализи. Според мене, иднината на Македонија е многу поважна тема отколку фрустрациите на Мицкоски. Далеку е опозицијата од својата внатрепартиска реформа, кога за почесен претседател и диригент го имаат Груевски и сите негови слуги од минатото. Обидот исклучувањето на членови од партијта и партиските органи да се прикаже како реформа и расчистување со минатотот во партијата е мачкање очи на членството и раѓање на уште поголем внатрепартиски револт кој ќе резултира со потполна дезориентација во партијата и пристапување кон носење на индивидуални политички одлуки од страна на пратениците.
Најголем шок за јавноста беше исклучувањето на Сашо Мијалков. Опозицијата како главна причина ја наведе т.н криминална коалиција со Зоран Заев. Имате ли информација дека такви контакти и средби се остварени?
За кого шок? Зарем може да биде нешто пошокнтно од делата што ни ги остави ВМРО-ДПМНЕ во наследство по 11 години владеење, заедно со сите нејзини функционери, тогаш државни, сега партиски? Сите обвинувања од страна на опозицијата за некаква криминална коалиција е бегање од одговорноста за промашените политички одлуки во клучните моменти за иднината на државата. Позната е таа вмровска тактика на градење „авторитет на лидерот“ со спротивствување на оние за кои партијата вложила и пари и време да им го изгради митот за недопирливоста. Тоа е таа тактика, парафразирана во реченицата за штабско храбрење: „Ејјјј, Мицковски им кажа НЕ на Американците, на Мичел и на Мијалков ејјјј!“
За жал, Мицкоски ја пропушти шансата да покаже дека може да биде лидер кој некогаш може да води држава.
Дали на партските состаноци Мијалков и неговото гарантирање за обезбедување на гласови во Собранието биле тема на разговор?
Никогаш.
Писмото на Мијалков до Мицковски. Ваш коментар за јавното омаловажување, нарекувајќи го Мицковски лажго, лажен патриот, за неаргуметираното исфрлање од партијата и лажните обвинувања како и прогнозирањето како ќе заврши кариерата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
Многу сцени на лажен патриотизам има видено Македонија, за да анализирме само еден збор од едно писмо упатено до Мицкоски. Мицкоски ја заврши својата политичка кариера пред да ја почне. Мислам дека доволно кажав.
Сметате ли дека Македонија плаќа превисока цена за влез во НАТО и ЕУ?
Иднината на државата, иднината на граѓаите и идните генерации млади нема ниту цена, ниту алтернатива.