Добро е што опозицијата конечно го соопшти својот став за Предлог измените на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, изјави денеска пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски која додаде дека сите предлози вклучително и амандманите на опозицијата ќе бидат разгледани.
„Предложените законски измени, во текот на оваа недела, ќе бидат на второ читање на надлежната Комисија за транспорт и врски, каде што ќе се разгледуваат сите предложени амандмани. Добро е што опозицијата даде мислење и конкретни предлози за овие законски измени, но добро ќе беше тоа да го стореа порано за да може сите тие предлози коишто беа поднесени од страна на опозицијата исто така да бидат дел од јавните дебати и трибини на коишто се дебатираше за законско решение“, рече Ременски.