Македонија 11. јуни 2018. / 22:49

Ректорот Јанкуловски подготвува упад во новиот Закон за високо образование со негов Статут за УКИМ

Ректорот Јанкуловски подготвува упад во новиот Закон за високо образование со негов Статут за УКИМ

Ректорот на Универзитетот ,,св Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, подготвил нов Статут за оваа најстара високообразовна институција, без знаење на Ректорската управа и на Сенатот и сега врши притисок врз академската заедница за негово прифаќање .

,,Пред шест месеци истото го направи со ангажирање на негови луѓе кои му изготвија Закон за високо образование, иако се знаеше дека ваков обемен закон што се однесува на сите високо образовни институции во земјата е во подготовка во МОН, а сега по носењето на овој Закон, притисокот продолжува со истите методи за прифаќање на неговиот Статут“- реагираат членови, професори и други вработени во УКИМ кои сакаат да останат анонимни, со писмо до нашата редакција.

Според нивното пишување, на 6 јуни во 21 часот, ректорот Јанкуловски им го доставил нацрт Статутот и ги повикал на вонредна седница на Ректорската управа на 8 јуни во 9 часот. Тврдат дека претходно, ги повикувал во својот кабинет на одвоени средби за да им врши притисок да го прифатат неговиот Статут, кој, како што се тврди во писмото, е кроен по негов личен терк за да не може никој да го смени, пишува ако.мк

Овој нацрт Статут е спротивен на новиот Закон за високо образование, затоа што е напишан без претходно утврден концепт од страна на наставно-научните совети на факултетите и институтите, како и од универзитетските органи.

Вонредната седница на Ректорската управа завршила без гласање, но и покрај тоа ректорот Јанкуловски го пуштил текстот на јавна расправа, но притоа е нагласено дека во текстот може да се интервенира само со амандмани, кои се очекува да не бидат прифатени.

Сето ова е во спротивност со одредбите на новиот Закон за високо образование, кој има намера да го направи токму спротивното-децентрализација и овозможување на факултетите и институтите да го определат својот статус во рамки на Универзитетот.

Јанкуловски исто така сака да ги контролира и финансиите на факултетите и институтите кои ги обезбедуваат дополнително, покрај оние од буџетот, со зафаќање на 5 проценти од секој од нив како задолжително уплаќање на сметката на Ректорска управа.

Во писмото се нотирани неколу клучни точки кои никако не би смеело да станат официјален документ на УКИМ, затоа што ќе се загрози самостојноста на посебните факултети и институти и ќе му се дадат големи овластувања на Ректорот, кој според текстот на Јанкуловски може да биде избран и без кворум , но тешко ќе може да биде разрешен, бидејќи повисокиот орган (Сенатот), треба да бара дозвола од понискиот(Ректорска управа), која е под влијание на ректорот, пишува ако.мк.

На претседателот на Сенатот е предвидено да му се одземат сите инструменти дадени со Закон, така што тој нема да може да предложи дури и дневен ред, туку тоа е предвидено да го прави Ректорот. За да се стави дополнителна точка, сенаторите ќе мора да бараат одбрување од соодветни комисии, но предлогот претходно мора да биде доставен во писмена форма.

Укажувајќи на многубројните небулози во предлог текстот за нов Статут на УКИМ, подготвен од актуелниот ректор, потписниците на писмото укажуваат и на начинот на кој би требало во иднина да се избира Ректор, а тоа е со формирање на Универзитетска изборна комисија составена од 5 члена од академската заедница, еден студент кој ако не биде предложен од Студентските организации ќе биде именуван од Сенатот и генералниот секретар на УКИМ. Згора на ова конкурсот според Статутот на Јанкуловски, би се објавувал само на официјалната страница на УКИМ, пишува ако.мк.

Наспроти ова, во Законот за високо образование огласот е јавен, а универзитетската изборна комисија се состои од 7 сенатори кои имаат овластувања да одлучуваат за исполнетост на условите за избор на ректор, утврдување на листата и сумирање на резултатите.

И најголемата, можеби, од сите небулози е пропишаниот начин на избор на ректор, според предложениот Статут.

Наспроти Законот кој пропишува задолжителен кворум при гласање во Сенатот, статутот не бара кворум, но за сите други органи на Универзитетот е предвиден кворум. Според предлогот на Јанкуловски, проректорите пак ќе ги избира Ректорската управа, наспроти законот според кој тоа е право на Сенатот.

Се на сѐ, коментираат од академската заедница, на крајот од текстот на предлог-статутот предложен од ректорот, би можело да се додаде уште еден член- ,,Ректорот се бира со доживотен мандат“.

Што е многу , многу е, па и од ректор нека е-многу е, го звршуваат своето писмо членови на академската заедница на УКИМ.