По вчера забележаните црн дневни рекорди од 196 нозозаразени и осум починати, вкупните бројки на нивото на епидемијата се искачија до 3.895 заразени и 179 починати. Сепак, за властите таквата состојба не е алармантна и уверуваат дека имаме капацитет да се справиме и со овој актуелeн бран.
Оваа здравствена криза со која сега во овој момент се соочуваме, а тоа е коронавирусот, покажа дека е исклучително важно да имаме модерни болници во кои може за кратко време пациентите без многу лутање и на едно место да добијат здравствена услуга, а не да се препраќаат во околните болници во другите градови – оцени вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Според техничкиот премиер Оливер Спасовски сега имаме ресурси, сериозно надграден здравстен систем во однос на капацитети за сместување, медицинска опрема и знаења на здравствените работници.
Имаме капацитет да се справиме и со овој актулeн бран. Од почетокот на кризата со коронавирусот на секој јавен настап повторувам една работа: вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на сите мерки кои ни ги кажуваат здравствените работници. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни, многу помудри, ќе разбереме колку е важна граѓанската солидарност, поддршката на институциите, меѓусебното разбирање, граѓанската оговорност. Едноставно сметам дека по оваа криза ќе излеземе поголеми луѓе – изјави Спасовски во Струмица по увидот во завршните работи на новото крило на струмичката болница.
Според него друг излез од кризата не постои и затоа ниту една друга алтернатива, освен континуирани и соодветни добри здравствени политики што можат да се справат со вакви кризи.
Со истото темпо продолжуваме понатаму.Оваа година ќе биде запаметена по корона кризата, но и по инвестициите во здравствениот систем и во здравствените работници – истакна Спасовски.