Македонија 02. октомври 2018. / 16:24

Различни реакции по неуспешниот референдум

Различни реакции по неуспешниот референдум

По неуспешниот референдум, лидерите од регионот, но и од ЕУ се јавија со различни реакции.

Прв се јави српскиот претседател Вучиќ – очекувал повеќе разбирање од светот за резултатот од референдумот во Македонија и ги замоли ЕУ и НАТО да покажат повеќе почит кон „малите народи“.

– Се плашам и ми се чини дека некои луѓе од светот, нас малите балкански народи не потценуваат и мислат дека баш се може да помине. Демократијата Уставот и Законот се тука за да се почитуваат и тогаш кога одлуката на народот не им се допаѓа, кажа Александар Вучиќ.

И Поранешниот претседател на Бугарија Георги Прванов на иста страна. Тој денеска изјави дека требало Бугарија да го презеде водство и да ги повика ЕУ и НАТО за прием на земјата со името Република Македонија.

Од друга страна Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска во соопштение до јавноста, повика да се продолжи спроведувањето на договорот за промена на името – Фактот што огромно мнозинство од оние кои гласале го поддржале Преспанскиот договор бил многу важен.

Својот став околу референдумот го искажа и медијаторот Метју Нимиц. За грчка Антена1 вели дека оние кои не гласале или се изјасниле ПРОТИВ не нуделе друга алтернатива.

Метју Нимиц: Мојата реакција е дека треба да го свртиме фокусот кон луѓето кои гласаа и оние кои гласаа ЗА, 90 отсто гласаа ЗА. Сега зависи од политичките лидери да ги земат резултатите од овој консултативен референдум и да дискутираат во Собранието. Мислам дека тоа го иницира и Владата таму.

Новинар од АНТ1 : Дали ги очекувавте овие резултати ?

Метју Нимиц : Никогаш не знаев што можам да очекувам, мислев дека има поддршка, но не сакам да шпекулирам понатаму.

Честиташе и првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг – Сите внимателно го следеле изјаснувањето на референдумот, го поздравувал постигнатото одобрување за Договорот од Преспа и сега Скопје требал да ги определи следните чекори.

Европратеникот Едуард Кукан кој пред самото одржување на референдумот кажа дека во случајот Македонија, ЕУ немала план Б, на твитер напиша – Им честитам на Македонците за резултатите на референдумот за ‘прашањето за името‘ и иднината на земјата во НАТО и во ЕУ.

Според соопштение пак од руското МНР – резултатот од референдумот во Македонија јасно покажувал дека гласачите одлучиле да бојкотираат решенија наметнати од надвор.

За САД референдумот е успешен. Вчера американскиот амбасадор Џес Бејли изјави – гласала сериозна бројка на граѓани, следен чекор бил Собранието и имплементација на Договорот од Преспа.