Македонија 28. ноември 2019. / 11:27

Различни приоди: Македонија ќе преплаќа медицински хеликоптери, а Бугарија набавува со европски пари

Различни приоди: Македонија ќе преплаќа медицински хеликоптери, а Бугарија набавува со европски пари

Бугарското Министерство за здравство ќе добие 20 милиони лева или околу 10 милиони евра за набавка на медицински хеликоптер за спасување и превоз на луѓе во итни потреби – настрадани во инциденти  во недостапни предели и за превоз на органи за трансплантација или донирање, пишува порталот „Сега“.

Средствата се обезбедени од одобрените вкупно 108 милиони лева или 54 милиони евра од оперативната програма „Регионален растеж 2014-2020 година“, што се финансира од европска програма со која раководи Министерството за регионален равој и уредување.

Информацијата можеби немаше да предизвика посебно внимание ако во Македонија не беше најавено јавното приватно партнерство за период од 10 години со фирма ќерка кај нас, чие главно седиште е во Шведска. По истекот на овој период, Македонија ќе ги добие хеликоптерите, кадрите и инфраструктурата, што ќе треба да ги обезбеди јавниот приватен партнер.

Вредноста на еден хеликоптер, значи, изнесува 10 милиони евра и тука се работи за европски и меѓународни стандарди какви што беа најавени и во Владата при промоцијата на целиот проект. Сега се поставува прашањето зошто Македонија брза во овој поглед ако за тоа постојат и се достапни европски фондови, што треба да и бидат достапни со почетокот на преговорите за членство во ЕУ? Или, пак, се уште постои дилема околу тоа?