Претседателот Стево Пендаровски телефонски разговорал со поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск, при што изразил жалење затоа што поради пандемијата на Ковид-19 не се реализирала планираната посета на Ватикан по повод чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и не била остварена средбата со Неговата Светост.
Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, во телефонскиот разговор биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Ватикан, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.
Истакнувајќи ја историската важност на минатогодишната посета на Папата Франциск на Македонија, претседателот Пендаровски посочил на интересот на нашата држава за продлабочување на врските со Светиот Престол во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст претседателот Пендаровски го истакнал придонесот на католичката заедница во С. Македонија како во градењето на односите со Светиот Престол, така и во севкупните меѓурелигиски односи во земјата – се наведува во соопштението на кабинетот на претседателот.
Покрај останатото, двајцата соговорници размениле и информации за актуелната состојба поврзана со пандемијата на Ковид-19.
Претседателот Пендаровски оддал признание за улогата на Папата Франциск во охрабрување на луѓето и нациите и поттикнувањето на солидарноста како клучен елемент за заедничка борба против пандемијата и последиците од неа.
Претседателот Пендаровски го истакнал и големиот придонес на Неговата Светост за глобалните прашања како што се мирот, борбата против сиромаштијата, хуманото постапување со бегалците и мигрантите, климатските промени и животната средина.