Поранешниот градоначалник на Кочани и сопственик на печатницата “Европа 92” Ратко Димитровски, во изјава за “Лидер” демантира дека на обвинителско-медиумската рекетарска група на Бојан Јовановски, Зоран Милевски – Кичеец и Катица Јанева им платил рекет од 500.000 евра.
По брифинг од извори од ОЈО, објавивме дека тој е еден од загрозените бизнисмени кои плаќале рекет, по што Димитровски се јави во нашата редакција и демантираше.
-Никој ниту ми се јавувал, ниту сум се видел со Боки 13, ниту од мене барал нешто такво. Ниту пак сакам да се видам со таков човек. Мојата компанија нема ни маркетинг во 1 ТВ, никаква соработка не сме имале, така што ова е дезинформација. 500.000 евра се огромна сума за мене. Не можам да видам 5.000 евра во кеш не па толку – ни рече Димитровски во краткиот телефонски разговор.
Инаку, неговата компанија лани имала приход од 287.624.569 денари или 4.6 милиони евра.