Македонија 16. декември 2020. / 11:43

Рашковски нема да одговара за спорниот тендер за набавка на радарски систем

Рашковски нема да одговара за спорниот тендер за набавка на радарски систем

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, го ослободи од вина ексгенералниот секретар на Владата Драги Рашковски, во предметот за спорниот тендер за набавка на радарски систем за М-НАВ, државна компанија за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија.

Од Обвинителството за МКД.мк потврдија дека надлежен јавен обвинител утврдил дека нема место за јавнообвинителско постапување и со решение ја отфрли пријавата.

-Секоја фаза предвидена во Договорот за заем се реализира согласно политиките и правилата за набавка на ЕБОР, односно се анализира и претходно одобрува од страна на ЕБОР. Враќањето на средствата го врши правното лице М-НАВ АД Скопје, од сопствената сметка, иако станува збор за акционерско друштво во државна сопственост, согласно Законот за трговски друштва, акционерските друштва во правниот промет настапуваат со сметка на самото друштво, поради што во никој случај не може да стане збор за штета на Буџетот на РС Македонија. Оттука, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврди дека нема место за јавнообвинителско постапување и со решение ја отфрли пријавата, велат во одговорот од ОЈО ГОК за МКД.мк.

Предметот за Рашковски беше отворен откако се објави аудио снимка на една руска социјална мрежа, на која се слуша и гласот на генералниот секретар на Владата како разговара со претставници на италијанската компанија „Леонардо”, кадешто нагласува кој ќе победи на тендерот за набавка на радарската опрема вредна 7 милиони евра.

По реакциите на јавноста за скандалот, Обвинителството минатата година во септември соопшти дека ќе биде извршена темелна анализа по која ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.

Сепак, од Обвинитеството велат дека проектот е во тек, и не се изминати предвидените рокови за реализација.

Она што остана незабележано, е тоа што во овој случај, како и во многу други, се заобиколи правдата и не потсети дека за криминал не се одговара.