Пишува: Доц. д-р. Марија Срцева
Роди се човек – роб биди
роди се човек – скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!
За себе само р’гај си
за себе маки тргај си –
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!
Пред две недели гледам еден член од медицинскиот тим кој животниот век го дал на проклетите клиники, кој избдеел над најтешките пациентите со години (не говорам паушално) вистински бдеел, со грч на лицето кој кажува на некаква болка. Прашувам што е работата ми вели: „Знаете, морам да правам операција и чекам да ме викнат и ми велат дека нема материјал тука со месеци и сега барав чаре во друг град, но и од таму со месеци ги чекам, никој не ми се јавува да ме викне, а боли многу“.
Ме доболе до срж ме разнесе болката на денешницата. Наеднаш се сетив на „Ленка“ како отишла да реди тутун на монопол оставајќи го разбојот не гледајќи за себе, гледајќи за другите. Па добро зар во денешницава некој заслужил да биде Ленка? Го гледам овој член од медицинската екипа како секој ден застанува до пациент му помага и ми доаѓа да врискам од болка. Пробав да контактирам со докторите кои лично не ги познавам, за еден од нив дрско да ми каже: „Па знаете нема таков и таков материјал“. Јас не знам ниту дали има, ниту дали нема, но ваквото паушално однесување на сите во здравствениот систем ми е одвратно.
Два дена по оваа приказна, излегува вест дека државата инвестира во 1500 машини за коцкарници и игри на среќа, енормни пари. Боже господе не само медицинскиот персонал, од оваа држава треба сите да си одиме незаборавајќи ги и уличните кучиња и мачки. Дури и за нив е недостојна државава.
Се прашувам колку ја чини држаата операцијата и рехабилатицијата на еден пациент наспроти една машина за коцкање. Се прашувам дали пациентот или машината за играње се поважни за државата. Се прашувам дали е поскапо да си болен или да се коцкаш. Од оваа перспектива, колку што ме служи сеќавањето, се скандираше по улиците дека наместо пари за ова или она, ќе се обезбеди за пациентите ова или она, ПРАШУВАМ ГЛАСНО, што се обезбеди? Што требаше се доплнително да се обезбеди да не редам, да не набројувам зошто и мене ми е срам колку некој можел да лаже и да верува во сопствените лаги, притоа правејќи масовна хистерија за подобро утре кое не само што не дојде него и покрај се да спие мирно.
Можеби не е лошо на пациентите да им се даде по кесенце марихуана и жетони за во коцкарница (игри на среќа), па кога имале несреќа да се родат овде во овој здравствен систем, додека ги боли нешто неподносливо барем нека се „high“ и нека удираат „помала – поголема“.
ПРЕДЛАГАМ ДА СЕ ВОВЕДЕ ЏЕК-ПОТ НА АВТОМАТИТЕ И ДА ИМА ТРИ КАРТИ СО ЗАГАРАНТИРАНА ИСЕЛЕНИЧКА ВИЗА ЗА ГЕРМАНИЈА ИЛИ КАНАДА, верувајте дека така ќе има помасовна посетеност.
Господе, дали е возможно никој да не размисли дека раката на овој член од медицинскиот персонал, кој го оставил животот и го посветил безрезервно на својата работа (читај држава), кој бдеел над милион пациенти е помалку вреден од било која забавна игра.
Да е парадоксот уште поголем, ем не може да се оперира, ем секојдневно е на работа и им помага на другите болни пациенти, па ве молам ова е повеќе од перверзија.
Дајте застанете, дајте ако не за друго да смениме барем еден апарат за неколку потребни материјали за пациенти, за неколку протези, за неколку лекови, за неколку нови кревети. ДОСТА Е , СÈ ПОВЕЌЕ НАРОДОТ НА СВОИТЕ ПЛЕЌИ ЈА ЧУВСТВУВА ТЕЖИНАТА НА РАЦИНОВАТА „ДЕНОВИ“.
ЗАСТАНЕТЕ, УТРЕ нема да се ослободите од прангите на железните синџири околу вратот наредени како гердани, или ви е сеедно за утре битно е денес и сумата на денешницата.
Доколку парафразирам медицински, патолошките резултати ни велат дека дефинитивно здравствениот систем ни е најболниот пациент за кој нема доктор, министер ниту влада кои знаат да се снјадат со неговата болест.
Дополнително, докторите кои наводно требаше да ја најдат и оправат секоја аномалија кај пациентот – читај здравствениот систем, не да не ја најдоа аномалијата, туку, комплетно и спротивно на својата заклетва ја искористија, ја продлабочија ја пропуштија и ја свртеа во своја корист, притоа убедувајќи ги сите органи од здравствениот систем (читај пациенти, доктори, медицински персонал) дека сè е во најдобар ред. Едните наводно земаат енормно голема плата која реално не ја земаат, а другиве имајќи ги сите привилегии, најдобар пристап до здравствени услуги, најдобри и најбрзи услуги и сите привилегии на најдобриот систем во светот кои не ги имаат.
Алооо!!! Дајте некако да го слетаме авионов без пилот или слободниот пад ќе распарчи сè. Одбивам да се чувствувам и однесувам како нем набљудувач, одбивам да минувам покрај сопствениот живот, одбивам да сум хипокрит кон сопственото дете, сопруг, колега или учител, одбивам да се сложам со возење во авион кој нема пилот.
Иако сум доктор, јас сум и пациент, јас одбивам да седам и да не направам ништо. Рациновите песни сакам да останат огромен белег на минатото, а не да претставуваат модифицирана верзија на перверзната денешница.
Се’ се сведува на простата крилатица и фактот дека на одговорните се’ им е поважно од здравјето на народот, здравствениот ситем и за се има пари освен за она што е „најевтино“ односно највредно. Декаденцијата на самата вредност на здравјето е промискуитетна и се’ повеќе и повеќе личи на пародија.