Mинистерката за правда Рената Дескоска, најави дека во текот на утрешниот ден ќе има нова средба на работната група за Предлог–законот за јавно обвинителство на која ќе присуствуваат претставници на сите пратенички групи.
– Заврши јавната расправа за Законот за јавното обвинителство. Во петок во 11 часот ќе се одржи средба на работната група со сите пратенички групи со цел да усогласиме текст кој ќе влезе во собраниска процедура – објави министерката на фејсбук.
Предлозите за номотехничко уредување на текстот ќе бидат испратени до работната група која го подготви предлог–законот, но и до Секретаријатот за Законодавство која е надлежна институција по ова прашање.
Според Дескоска, овој предлог–закон подразбира градење на силно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое покрај тековните надлежности што ги има, ќе ги преземе и случаите што ги водеше СЈО.
Дескоска истакна дека во текот на дводневната стручна расправа во собраниската Комисија за политички систем биле изнесени неколку естрадни тврдења дека има неуставност во овој концепт, што според министерката е апсолутно неточно бидејќи концептот со зајакнати надлежности на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постои и во други земји.
Според Дескоска, добро е што и пратениците биле дел од јавната расправа и можеле да направат проценка кои ставови се аргументирани.