Македонија 13. мај 2020. / 10:19

Првата лидерска не донесе резултат – Нов обид за дефинирање на изборите наредната недела

Првата лидерска не донесе резултат – Нов обид за дефинирање на изборите наредната недела

Лидерите на најголемите партии во земјата по речиси три и полчасовна средба кај претседателот Стево Пендаровски не се договорија за детален план за одржување на изборите. Нараден обид за такво нешто ќе има на почетокот на следната недела на нова средба кај претседателот, кога ќе има нова рунда од разговорите за евентуален датум за парламентарните избори.

Исходот од средбата го пренесе Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој соопшти дека на  лидерската средба со консензус е одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет и оти на почетокот на следната недела ќе се одржи нова средба за натамошните чекори откако ќе се добијат мислења од Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија (ДИК) и Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Во однос на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на Ковид-19. ДИК е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. На почетокот на идната недела ќе има повторно лидерска средба на која ќе се дискутираат понатамошните чекори – се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

 

Владата со Уредба со законска сила, по прогласување на вонредната состојба поради корона вирусот, на 21 март и препорача на ДИК одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Сега партиите бараат нов датум за избори по што би се конституирал најнапред Парламентот, а потоа би се избрала и нова политичка влада.

Собранието се самораспушти на 16 февруари, а претходно беше формирана преодната односно техничката влада според Пржинскиот модел којашто треба да ги организира и да ги спроведе изборите.