Техничкиот министер за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, на својот фејсбук профил објави фотографии од првиот работен ден во Министерството за труд и социјална политика и под нив напиша дека „министерството на проблеми мора да стане министерство на решенија“.
– На секој човек да му се понуди шанса и надеж дека може и мора подобро. Мораме да бидеме свесни дека станавме општество со нерамномерен развој на нерамноправни поединци. Сиромаштијата е галопирачка, ранливите категории граѓани се на маргините. Достоинството на пензионерите е разнишано. Мобингот кој е широко распространет се става под тепих и за жал не е тема за која се зборува. Улогата на жената мора да се почитува. Центрите за социјална заштита не смеат да бидат алатка за партиска политика, туку алатка за заштита на оние на кои им е потребна социјална заштита, напиша Мизрахи.
Таа додаде дека доаѓа време на одлуки и промени, чекор по чекор кон обнова за подобра иднина.