Јавното обвинителство вчера објави дека го затвора случајот „Теретана“, во кој немало никакви докази и елементи за сторено кривично дело.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Овој апсурден случај беше отворен точно пред избори, што говори дека Обвинителството директно одработило во предизборната кампања на власта ако се има предвид која беше темата на истиот.
Во овој случај, кој беше отворен на 20 ти мај, Јавното обвинителство истражуваше дали една скопска теретана спротивно на законот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, му отворила за да вежба во време на Ковид-19 пандемијата.
За политичката позадина на овој случај не мора да говориме, прво неколку портали контролирани од „Дувлото“ на Бихаќка пуштија слика од Мицкоски како излегува од теретана со билдерски ракавици на (која датира од октомври 2019) и обвинија дека за него отворила теретаната, по што ОЈО отвори случај.
Да биде иронијата уште поголема, фотографиите кои беа објавени имаа монтирани делови, кои можеа да се забележат и со аматерско око. Апла монтажа беа медицинските ракавици на рацете на обезбедувачите на Мицкоски кои се познаваа на фотографиите. Фотографиите беа објавени од порталите на Џабир Дерала инаку голем борец против говор на омраза и лажни вести.
Сума сумарум, обвинителството директно одработи за власта, пред избори отвори случај, целата кампања се ширеше пропаганда, за на крај постизборно да констатира дека теретаната не прекршила закон и не му отворила на Мицкоски туку се работи за обична лажна вест.
„Независното“ обвинителство, како пи-ар на власта… а истата таа власт со полни усти вели дека истото ќе го ослободува. Мицкоски можеби сега е задоволен затоа што докажал дека вестите за неговото вежбање за време на пандемија се лажни, но, останува фактот дека тој како „шпицен кандидат“ цела кампања ја помина со оваа Монти Пајтон истрага. Штетата е направена, а откако ја направија од ОЈО си ги испраа рацете…
Комбинацијата „лажна вест – реакција на правосудните органи“ се потврдува и со случајот на поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкуловска. Таа вчера беше осудена на затворска казна од врховниот суд (случајот не го пратев и не можам да го коментирам), по што серија на медиуми објавија лажна вест дека Јанкуловска побегнала, по полицијата до моментот на објавувањето на оваа колумна ги малтретира сите соседи во нејзината зграда и прави претреси барајќи ја по гепеци.
Јанкуловска на сите им кажа дека е дома и им порача да дојдат, арно ама, пропагандата добро врви. Особено кога во неа учествуваат неколку добро платени новинари, МВР, ОЈО и Судството. Нели е апсурдно вака да се демонстира сила? Зошто? Само поради пропаганда и ништо повеќе!
Слични вакви „Пропаганда во билдерски ракавици“ случаи ќе следуваат и во иднина. За тоа треба сите да бидеме сигурни, затоа што власт која не може да испорача резултати, може само да испорача шоу. Се најавуваат операции како „Сабја“ и слични работи, додека организираниот криминал од Скопје направи јужно американски фавиљон во кој со месеци не можат да се пронајдат насилници кои претепале некого.
На сите ни е јасно дека престапниците пред правдата не може да испорачаат друга правда освен монтирани случаи. Нас ни останува да вежбаме во нашата интелектуална „Теретана“ и да се надеваме дека како интелектуална јавност и народ, во некоја прилика брзо пред нас, на некаков начин ќе се обидеме да се избориме со овој режим на апсурдот и лагата…