Македонија 30. август 2020. / 09:01

Продолжува собраниската расправа, денеска ќе се гласа нова Влада

Продолжува собраниската расправа, денеска ќе се гласа нова Влада

Во Собранието денеска продолжува собраниската расправа за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев.

Вчера во своето експозе пред пратениците, Заев се осврна на приоритетите на новата влада, со акцент на економијата и социјалната политика.

Ова е мала Влада што ќе ја предводам, посочи Заев, во која членуваат мотивирани и посветени личности, кои ќе работат на остварување на поставените цели во стратешки интерес на државата.
Во експозето за предложениот нов состав на Влада Заев им порача на кандидатите за министри дека од нив очекува одговорност, како и да ги стават интересите на граѓаните и државата на прво место.
Покажавме, што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на пандемија, и ова, посочи Заев, е мотив да продолжиме да работиме да се вратиме на стапките на раст, зошто можеме.

Бројот на министерски места во новата влада е намален за седум и сега ќе брои 19 министри и премиер.

Програмата и предлог-составот на новата Влада, мандатрот Зоран Заев до Собранието ги достави во средата. Покрај него како премиер, членови на Владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Пратениците ќе се состанат денеска во 12 часот на продолжението на седницата, а како што најави синоќа Џафери, прв говорник треба да биде пратеникот од мнозинствто, лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.