Македонија 08. февруари 2019. / 13:53

Продолжен притворот за Камчев и други обвинети во „Империја“

Продолжен притворот за Камчев и други обвинети во „Империја“

Денеска е донесено решение за нови 30 дена домашен притвор во врска со случајот „Империја” на Специјалното јавно обвинителство, после вчерашното одбивање на Апелацискиот суд на жалбата на одбраната на бизнисменот Јордан Камчев за укинување на куќниот притвор.

Притворот е продолжен и за неговите соработници Ненад Јосифовиќ и директорот на „Пелагонија“ Цветан Панделески.

Притворот за Сашо Мијалков истекува кон крајот на месецов, па за него дополнително ќе се одлучува.

Од СЈО информираат дека за осомниченото лице Тодор Мирчевски, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Основен суд Скопје 1 – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителна мерка на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице.

За осомничената Зорица Арсовска, пак, како што е наведено во соопштението, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Кривичниот суд – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителни мерки на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице, забрана за посетување на деловните простории каде што осомничената работи, како и забрана за превземање на определени работни активности од дома, а кои се поврзани со правните лица – предмет на истрагата.

Во случајот „Империја“ кривично се гонат вкупно 13 лица, меѓу кои се и Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Сите се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.