Македонија 04. декември 2020. / 14:48

Процедурата за двојазични униформи во МВР е во тек

Процедурата за двојазични униформи во МВР е во тек

Наредната година ќе се продолжи со набавка на нови униформи за полицијата и специјалните единици на МВР, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од тетовско Жеровјане каде изврши увид во целосно реконструираниот објект на полициското одделение.

На новинарско прашање дали станува збор и за двојазничните униформите за кои поранешниот министер ги потпишал нормативи, Спасовски потенцираше дека процедурата е во тек.

-Во тој период беше покрената постапката во однос на реализација на законските одредби. Таа постапка е пред Влада. Штом ќе заврши ќе започнеме со имплементација, рече Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека Секторот за внатрешни работи Тетово во изминатите три години има сериозно подобрување во резултатите.

-Ако ме прашате колку сум задоволен од работењето, можам да кажам дека добро се работи меѓутоа никогаш не може да бидете до крај задоволни затоа што секогаш може многу повеќе и многу подобро. И тоа е мојата цел никогаш да не бидеме задоволни но секогаш да бидеме помотивирани да направиме повеќе од тоа што сме направиле до сега. Ако погледнете и по резултатите да видите дека навистина во изминатите три години имаме сериозно подобрување во резултатите на СВР Тетово, истакна министерот Спасовски