Иако веќе изминаа трите дена што Владата им ги даде како рок на министерствата да определат пари за референдумска кампања.
Но освен Министерството за Одбрана, ниту едно друго засега нема соопштено прецизен износ. Министерот за земјоделство дури и не знаеше за што го прашуваме, додека министерот за финансии ни рече за ова да се обратиме во Владата.
Задачата од владиниот кабинет беше за три дена да достават информации до Министерството за Финансии – колку пари секој ресор ќе може да потроши за кампањата. Но повеќето министерства и по 5 дена ја немаат завршено. Неколку министри дури како да не беа сосема во тек со владината одлука, како на пример министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. На нашето прашање колку пари ќе одвои неговото министерство за референдумската кампања, тој ни одговори со зборовите – Какво е ова прашање? Неговата служба за контакт со јавноста беше пољубезна:
„Во моментов се прават проценки. По финализирањето на проценките ќе го известиме Министерството за финансии и јавноста“.
За разлика од Николовски, министерката за одбрана ја има завршено задачата на време. Радмила Шеќеринска, информираше дека ресорот одбрана, ќе издвои близу милион евра.
Со упатство да прашаме за бројките во Владата, ни одговори и министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој би требало да е најнадлежен, пренесува ТВ 21 Засега без одговор се и министерствата раководени од министри – Албанци. Само од ресорот за локална самоуправа дознавме дека се уште трае пребројувањето. Рокот од три дена помина, па останува да се чека следната владина седница, во среда, за јавноста да слушне колку ќе ја чини и што ќе содржи владината кампања за гласање на референдумот и поддршка на Договорот со Грција за компромисно име на Македонија.