Македонија 24. ноември 2018. / 21:20

Притворот за Мијалков го бранува парламентот: Одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се премислуваат?!

Притворот за Мијалков го бранува парламентот: Одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се премислуваат?!

Требаше вчера, но првиот состанок на координативното тело за помирување ќе се одржи дури наредната недела, во вторник или среда. Како што беше најавено ова тело треба да предложи предлог закон за амнестија на обвинетите за случувањата во Собранието на 27 април минатата година или да предложат некакви препораки до разни други институции.

Сѐ уште не се одредени основните принципи за работата на ова тело, освен тоа дека одлуките мора да бидат донесени со консензус. Копретседателки на координативното тело, во кое членуваат дваесетина пратеници, се пратничките Фросина Ременски и Емилија Александрова. Процесот на помирување не е само прашање за 27 април, туку широк процес на повеќе нивоа, велат членовите на телото.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму велат дека тие нема да учествуваат во работата на вакво тело, кое било за „порамнување, а не за помирување“. Од најголемата опозициска партија велат дека нивниот предлог закон за амнестија е добра основа за дискусија, дека секој може во собраниска дискусија да поднесе амандмани за подобрување на законскиот текст. Ако се подготви закон за амнестија кој за нас е прифатлив и не е селективен, може ќе го поддржиме, изјави неодамна Никола Мицевски, координатор на ВМРО – ДПМНЕ.

За притворот на Сашо Мијалков, пратеникот Крсто Мукоски, кој повеќе не е член на ВМРО-ДПМНЕ, а е член на ова координативно тело, за МКД.мк изјави дека решението за притвор на поранешниот директор на УБК не оди во правец на помирување. Осумтемина пратеници, поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ, не се изјаснуваат по прашањето дали притворот на Мијалков ќе влијае врз гласањето за уставните измени.

ВМРО-ДПМНЕ денеска најави серија протести, а првиот ќе го одржат в среда, на 28 ноември, годишнината од приведувањата на обвинетите за случајот „27 април“. Треба конечно да се застане на патот на антинародната и криминална власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.