Македонија 01. февруари 2019. / 18:20

Притвор за Цветков и Делев, куќен притвор за Спасеновски, за Димовски дополнително ќе се одлучува

Притвор за Цветков и Делев, куќен притвор за Спасеновски, за Димовски дополнително ќе се одлучува

Триесетдневен притвор попладнево добија поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и заменик министерот Кристијан Делев, додека на поранешниот министер Ацо Спасеновски заради утврдени здравствени проблеми му е определена мерка куќен притвор. Одлуката за поранешниот министер Љупчо Димовски, кој е пратеник во Собранието на РМ и се повикува на пратенички имунитет, ќе биде дополнително донесена, соопшти попладнево Кривичниот суд.

– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор за четири лица, судија на претходна постапка при Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по произнесување на лицата по однос на предлогот, а во присуство на нивни бранители и јавен обвинител како и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на М.Ц. и К.Д им определи мерка притвор во траење од 30 дена додека на А.С. зарди утврдени здравствени проблеми му определи мерка куќен притвор-се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Оттаму посочуваат дека на Љ.Д. кој е пратеник во Собранието на РМ и се повикува на пратенички имунитет тој ќе биде дополнително повикан да се прозинесе во Судот, откако ќе се создадат услови за тоа.