Бројот на лица инфицирани со корона вирусот во општина Прилеп се искачи на 33, откако денеска беа потврдени 9 нови случаи. Во самоизолација се наоѓаат 134 граѓани. Во Инфективното одделение се наоѓаат 3 лица, а едно лице е во изолација и се чека развојот на неговата клиничка слика. Позитивни на корона вирусот се и две лица од Крушево.
За моментната состојба на територијата на општина Прилеп со корона вирусот информираше градоначалникот Илија Јованоски, по одржаниот состанок на општинскиот штаб за управување со кризи.
– Земени се 20 нови брисови од граѓани, чиј исход го очекуваме во наредните денови. Гледајќи го развојот на ситуацијата, можно е во следните денови да има нови заразени граѓани со корона вирусот, па од тие причини апелирам до граѓаните на општина Прилеп да ги намалат социјалните дружења. Не значи дека само полицискиот час и неодењето на работа или во кафулиња ќе го спречи ширењето на корона вирусот, туку и дружењето во домашни услови исто така ја зголемува можноста за нови заразени лица. Истовремено упатувам апел и до матичните лекари и стоматолози да бидат достапни за своите пациенти, тоа е нивна обврска, бидејќи на тој начин сомнителните случаи ќе бидат порано детектирани – изјави градоначалникот Јованоски.
Јованоски напоменува дека зголемувањето на бројот на инфицирани лица ќе ја наметне потребата од ангажирање дополнителни медицински екипи од другите одделенија од прилепската Општа болница, кои ќе бидат ангажирани во Инфективното одделение.
– Седете дома, да нема социјални дружења, затоа што тоа е единствениот начин во овој момент да имаме помалку заразени со коронавирусот – порача градоначалникот.