Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“ во Братислава, на тема „Западен Балкан по Ковид-19“.
Потенцирајќи го извештајот на Европската Комисија од 2016-та година во којшто нашата земја се посочуваше како „заробена држава“, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, во своето обраќање истакна сега Северна Македонија е полноправна членка на НАТО и на чекор до формален почеток на преговорите со Европската Унија.
Во овој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија е целосно подготвена за почеток на преговорите. Исто така, како што посочи претседателот Пендаровски, „не очекуваме нова блокада, овој пат, од Република Бугарија“, додавајќи дека кон средината на овој месец предвидена е нова средба на македонско – бугарската комисијата за историски и образовни прашања.
Како што договорот од Преспа реши повеќедецениски проблем, верувам дека во духот на договорот за пријателство и добрососедска политика, Република Бугарија нема да биде причина за ново разочарување за сите нас. Бидејќи ако се случи тоа, незадоволството кај нашите граѓани и кај политичарите ќе биде големо, подвлече претседателот Пендаровски во своето обраќање.
Претседателот Пендаровски поздравувајќи ја одлуката на ЕУ да додели 9 милијарди евра во рамките на новиот економско-развоен пакет за државите од нашиот регион, рече дека Европската Унија ја покажа својата солидарност кон земјите од Западен Балкан.
Осврнувајќи се на дијалогот помеѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски подвлече дека ќе ја поддржи одлуката на двете земји, каква и да е, се додека таа одлука придонесува за регионалната стабилност и не ги допира суверените права на соседните држави.
-Мојата главна улога како претседател на државата е да ги штитам националните интереси на мојата држава. Затоа бараме од меѓународната заедница кое било решение што ќе го постигнат Белград и Приштина да содржи гаранции за регионалната стабилност. За доброто на целиот регион, секако би сакале што поскоро да се постигне договор помеѓу Србија и Косово, заклучи претседателот во своето обраќање на глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“.
Прашан за иницијативата „Мини Шенген“, претседателот Пендаровски повтори дека ја поддржува бидејќи иницијативата е автентична идеја на нашите држави и ќе придонесе кон економската соработка во регионот и креирањето на регионален пазар. Секако, крајната цел е целосна интеграција во Европската Унија на сите држави на западниот Балкан.