Претседателот Стево Пендаровски ги прими организаторите на манифестацијата „Скопје Прајд“ која оваа година поради пандемијата на Ковид-19 се одржува виртуелно во периодот 20-30 јуни.
Соговорниците истакнаа дека во однос на статусот на ЛГБТИ заедницата, потребни се ефикасни системски решенија. Законот за заштита од дискриминација е укинат од Уставниот суд, а со него се овозможуваше за првпат заштита на сите ранливи групи, како и професионална комисија за спречување и заштита од дискриминација, преку зголемување на нејзината независност и надлежност. Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека ќе побара од следниот парламентарен состав да го стави законот на приоритетна листа за донесување – соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
На средбата исто така се разговарало и за другите чекори кои се потребни со цел унапредување на состојбата на ЛГБТИ луѓето, како подигнување на јавната свест, ефективна примена на законите, особено за дела од омраза, заштита од дискриминација и поддршка на ранливите лица на кои им е потребна интеграција во општеството.
Претседателот Пендаровски посакал успешна реализација на „Скопје Прајд“ и додал дека соработката меѓу граѓанскиот сектор, активистите и заедницата со јавните институции е многу значајна затоа што често искуството што доаѓа директно од терен од граѓанскиот сектор е клучно за да се направат системските решенија.