Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, вели дека Бугарската академија на науките не соработува повеќе со македонската академија по прашањата за македонскиот идентитет, јазик и историја. Тоа според академикот е така поради ставовите искажани по ова прашање од страна на МАНУ.
– МАНУ и БАН имаа вистинска соработка во многу научни полиња, но прашањата за македонскиот јазик и идентитет, се чини, според мене, беа ставени „под тепих“, иако, ниту македонскиот јазик ниту македонскиот идентитет не беа оспорувани и ние имавме со БАН рамноправна и достоинствена соработка. Мислам дека единствената причина за прекинот на соработката се ставовите на МАНУ во врска со македонскиот идентитет, јазик, и историја, изјави Коцарев во интервјуто за „Слободен печат“.
Лпварев вели дека МАНУ ќе соработува со оние институции и акадмеии кои, како што вели тој, го почитуваат научниот факт дека „Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава“.
– Ставовите на нашиот сосед се јасни. На 9 октомври 2019 година, бугарската влада официјално усвои документ со кој се определува Рамковната позицијата на Република Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија, додава тој.
Позицијата е непроменета и недвосмислена, што се потврдува и со следниот цитат (преземен од веб страната на Владата на Република Бугарија, „Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот”.
– Зар има потреба од други коментари? Дел од суверенитетот на било која држава вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира нејзините внатрешни работи: религија, јазик, националност и соодветно на тоа, образовниот систем. Суверенитетот на било која држава, па така и на Македонија, вклучува право на самоопределување за прашањата на идентитетот, јазикот и религијата, што подразбира, од друга страна, дека идентитетот, јазикот, и историјата воопшто не се (и не треба да бидат) тема за политичко пазарење, вели Коцарев.