Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, денеска ќе се обрати во Собранието, а претходно тој ќе има средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со координаторите на пратенички групи и претставници од други политички партии.
Вчера претседателот на ЕП имаше средба со претседателот на Владата, Зоран Заев, и со претседателот Стево Пендаровски.
На заедичката прес-конференција со Заев, Сасоли рече дека за време на последниот Совет на ЕУ имаше приговори што доаѓаа од три влади на земји-членки на ЕУ и овие предлози не доведоа до заклучување на одлуката. Во суштина, како што рече, немаше „Не“ за датум, немаше негирање на прашањето за започнување преговори, но имаше еден вид условување, дека нешто повеќе треба да се стори.
– Во овој момент тие влади се во фаза на предомислување, односно ги разгледуваат одлуките што ги донеле, но морам да нагласам дека не слушнавме едно изрично „не“ – оцени Сасоли.
Оцени оти тоа што тие земји не ги надминале приговорите до Советот на ЕУ, не треба да се смета како пораз, туку еден вид на застој во процесот, како што и често се случува во демократските земји.
Претседателот на Европарламентот е дециден дека прашањето за проширувањето ќе биде покренато во мај пред Советот на ЕУ, на Самитот во Загреб.
– Северна Македонија треба и мора да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Одлуката тоа да не се случи, може да биде променета за неколку месеци – подвлече Сасоли.