Македонија

Претседателот Иванов на средби со јорданскиот државен врв

Претседателот Иванов на средби со јорданскиот државен врв

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, денеска во Аман, оствари средби со премиерот на Кралството Јордан, Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом  Атеф Таравнех, како и со членови на Претставничкиот дом.

На средбата со јорданскиот премиер Разар, претседателот Иванов истакна дека уште од воспоставувањето на дипломатските односи, Република Македонија се стреми кон стабилни и пријателски релации со Хашемитското Кралство Јордан.

Македонскиот претседател изрази надеж дека со интензивирањето на политичкиот дијалог, ќе се отвори можност за натамошна идна соработка во сферата на економијата, безбедноста, културата и образованието, преку потпишување на меѓу-владини договори и унапредување на правната рамка. 

Претседателот Иванов и премиерот Разар разменија мислења и во однос на бегалската и мигрантската криза и се осврнаа на предизвиците на Блискиот Исток и на состојбите во Европа. Во тој контекст, македонскиот претседател го поздрави важниот придонес што Кралството Јордан го има во рамките на хуманитарниот аспект на кризата и згрижувањето на бегалците, нагласувајќи дека Република Македонија ги поддржува напорите за постигнување на траен мир на Блискиот Исток.

 

На средбата со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез и со спикерот на Претставничкиот дом  Атеф Таравнехпретседателот Иванов изрази уверување дека оваа официјална посета ќе ѝ даде нов импулс на севкупната соработката меѓу Република Македонија и Кралството Јордан во сите сфери од заеднички интерес и дека меѓусебното пријателство ќе продолжи да се развива. Претседателот Иванов го истакна фактот дека се поставени темелите за сеопфатна и партнерска соработка на долг рок. Првите луѓе на јорданскиот парламент ја изразија подготвеноста за унапредување на парламентарна соработка меѓу Република Македонија и Хашемитското Кралство Јордан.

 

Вчера, претседателот Иванов во Кралската палата Ал Хусеин во Аман, со највисоки државни и воени почести беше пречекан од Кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Н.В. Абдула Втори Ибн Ал Хусеин. На средбата беше потврдено пријателството меѓу Република Македонија и Кралството Јордан.