Јавното обвинителство итно и приоритетно да постапува по предметите што се во врска со одлуките и мерките за спречување на корона вирусот, препорака до сите работодавачи таму каде што е можно да се организира работа од дома, на затворените копнени гранични премини се дозволува исклучиво премин на товарни возила, се дел од заклучоците и препораките од 19. седница на Владата на Република Македонија.
– Јавното обвинителство да даде упатства и препораки за итно и приоритетно постапување на сите јавни обвинителства во државата во постапките процесуирани од страна на надлежните институции во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од страна на Владата и другите надлежни државни институции – се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Владата им препорачува на сите работодавачи во Македонија, односно на секое раководно лице во институциите, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работата на вработените лица преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.
На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот со која се затворааат сите копнени гранични премини во Република Македонија за премин на патници и возила, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце. На граничните премини кои се затворени за премин на патници и возила, се дозволува исклучиво премин на товарни возила.