Македонија 08. декември 2020. / 16:01

Хоџа: Прекин на протестите на тутунарите до средбата со откупувачите во петок

Хоџа: Прекин на протестите на тутунарите до средбата со откупувачите во петок

Во петок на заедничка маса во министерството за земјоделие, за ниската откупна цена ќе преговараат тутунопроизводителите и откупувачите.

Додека да се постигне компромис тутунарите ќе ги прекинат протестите. Сојузот на тутунските здруженија од откупните пунктови, од утре ќе ги повлече нивните повереници и нема да има откуп. Ова е заклучокот по денешната средба на министерот за земјоделие Арјанит Хоџа.

Подготвени сме, како што рече министерот, активно да посредуваме за да се најде решение.

– Тутунарите ветија дека ќе ги стопираат протестите. Тоа е доказ дека двете страни се подготвени да седнат и да изнајдат решение. Ние како Министерство активно, преку посредувањете се вклучуваме за да се најде решението. Тутунот е стратегиска култура, државата го субвенционира и 30 отсто од сите средства за субвенционирање одат за тутунот. Договоривме в петок да ги повикам на состанок двете страни: и незадоволните тутунари и откупувачите. Ако има договор в петок, ќе се одвива целиот процес на откупот на тутунот. Ако нема, ние ќе се обидеме, максимално врз основа на нашите ингеренции да постапиме и успешно да се заокружи оваа година, без разлика на овие проблеми во почетокот, зашто од целата договорена реколта од 23.000 тони, само 300 тони се откупени што е 1,5 процент. Верувам дека ќе се изнајде решение, изјави Хоџа.

Членовите на иницијативниот одбор за протести се задоволни од исходот на средбата со првиот човек на министерството за земјоделие, ако откупните цени во прилепскиот тутунски комбинат се во рамките на реално вреднување на труд. Тоа не е случај со останатите откупувачи.

На прашањето зошто нема забелешки на ниските откупни цени до второстепените комисии , тутунопроизводителите дадоа одговор дека ваквите неосновани забелешки не го решаваат проблемот.

Од 23 илјади тони колку што тежи годинашниов род, досега се откупени само 300..и се верува дека во тек на откупот проблемите ќе бидат надминати. Просечната откупна цена ќе биде над 195 денари за килограм.