Македонија 02. јули 2020. / 09:25

Преговарачката рамка за Македонија предадена во Советот на ЕУ, засега нема датум за почеток на преговорите

Преговарачката рамка за Македонија предадена во Советот на ЕУ, засега нема датум за почеток на преговорите

Европската Комисија (ЕК) вчера ги предаде преговарачките рамки за Македонија и Албанија до Советот на ЕУ, содржината на рамките се објавува само откако таа ќе биде усвоена од страна на земјите членки во Советот.

Преговарачките рамки се позицијата на Европската Унија во преговорите за членство, односно начинот на кој ќе се преговара со секоја земја поединечно. Европската комисија поднесува нацрт рамки до земјите членки, кои треба да ги усвојат по евентуални модификации.

Рамките се поделени на три дела: водечките принципи на пристапните преговори, суштината на преговорите и преговарачката процедура, со цел да се обезбеди целосно спроведување на европското законодавство и неговите принципи во законските рамки на земјите кандидати.

Конкретно, фокусот на овие рамки е врз владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација, како и економијата, а се предвидува „посилен политички двигател“ на процесот како и подинамичен ритам на преговорите преку групирањето на поглавјата за преговори во тематски кластери.

Со нетрпение ги очекувам дискусиите помеѓу земјите членки за да се одржат што е можно побргу првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно се наоѓа во Европската Унија и уверен сум дека тие ќе продолжат да ги исполнуваат реформите на патот кон ЕУ, како што досега тоа го правеа – изјави Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Според дипломатите во Брисел, пред крајот на оваа година нема да имка меѓувладина конференција. Земјите членки би требало да разговараат за проширувањето од септември, со оглед на тоа дека летото ќе биде целосно посветено на обидот да се пронајде компромис за излез од економската криза на ЕУ и иднината на нејзиниот буџет.