Македонија 21. јануари 2020. / 09:17

Предизборните копја ќе се кршат околу „Преспа“

Предизборните копја ќе се кршат околу „Преспа“

Однесувањето на партиите и нивните настапи во јавноста најавуваат дека Преспанскиот договор, неговите предности и маани, ќе биде една од главните теми околу кои „ќе се кршат копјата“ во периодот пред претстојните парламентарни избори.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека укинувањето на договорот со Грција, би било опасно и би можело да ја врати земјата 25 години назад.

– Дали ВМРО-ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се уништи Преспанскиот договор? Укинувањето би не вратило 25 години наназад, и би го вратило ПЈРМ односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани на сметка на уставното име. Тоа ќе значи укинување на членството во НАТО, губење на ЕУ перспективата, губење на милијарда евра инвестиции. Без договор од Преспа, ќе исчезне поддршката од нашите стратешки партнери, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти – изјави Заев.

Коментирајќи ја таквата изјава на Зоран Заев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, изјави дека не се закануваат, туку го кажуваат она што го мислат граѓаните, но и тие самите како политички субјект.

– Ние сепак стоиме позади тоа дека овој договор е штетен. И ќе биде штетен и ќе остане штетен бидејќи се задира во идентитетот, се задира во се она македонско. И точно така ние веќе неколку пати кажуваме дека доколку граѓаните ни дадат шанса ние ќе пробаме да го ревидираме. Не се закануваме по никого сакаме да имаме пријатели насекаде, но се разбира не треба да се срамиме од тоа што сме и никогаш нема да се срамиме. Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци каде и да сме – изјави Мисајловски.

Одредбите од овој Договор потпишан во јуни 2018 година, беа неразделен дел и од предизборната кампања за прв човек на државата, односно за претседателските избори одржани во 2019 година.