Македонија 03. септември 2020. / 11:26

Пред почетокот на работата на градинките – Дел од родителите на мака, поради неусогласеност на институциите и фирмите

Пред почетокот на работата на градинките – Дел од родителите на мака, поради неусогласеност на институциите и фирмите

Според најавите, градинките ќе почнат со работа од 9 септември. Но, наспроти подготвените протоколи, сепак остануваат одредени нејаснотии и што е поважно, дел од родителите се на мака и се соочуваат со сериозни проблеми.

Настрана тоа што најмалите треба да го скршат мразот околу функционирањето на згрижувачките капацитети за време на пандемијата со корона вирусот и тоа пред учениците од основните и средните училишта, чие присуство во училиштата е закажано за 1 октомври, во реалноста доаѓа до израз неусогласеноста на потезите меѓу институциите на системот на власта и работодавачите.

Градинките се подготвуваа за отворање уште пред два-три месеци. И за таа цел, вработените беа подложени на скрининг процес и тестирање за корона вирусот. Што значи и дека резултатите од тоа можат да бидат доведени под знак прашалник. Зашто, мора да се признае, периодот од два-три месеци не е занемарлив и во тој временски меѓупростор може да дошло до промени со оглед на годишните одмори.

Градинките од родителите на децата, кои во изминатиот период имале можност за работа од дома, побараа до средината на август да достават потврди, и тоа од двајцата родители, дека по завршувањето на мерките ќе мора да се вратат на работното место и дека нема да можат да ги извршуваат работните обврски од дома. Дел од родителите поднеле вакви потврди, но дел и не. Зашто, во дадениот момент работодавачите се уште не биле на чисто, односно немале препораки од надлежните институции на системот дали и кога ќе бидат укинати мерките, што беа воведени за заштита од корона вирусот.

И сега, дел од работодавачите одлучиле, сепак, од 1 септември да ги повикаат на работа сите вработени, што значи и оние кои не ги доставиле до градинките бараните потврди. За жал, овие родители, цела категорија, на пример, од ИТ секторот, наставници од училишта, од администрацијата, банки итн. не можат да сметаат на згрижување на своите деца од страна на градинките!? Зашто, не ги поднеле во предвидениот рок бараните потврди!

Постои и уште една категорија мајки, кои се наоѓаат во целосна неизвесност. Оние кои беа ослободени од работа за деца до 9 годишна возраст, оние кои се породиле за време на пандемијата, но и они кои во меѓувреме се нашле во блажена состојба и конечно, оние кои иако млади мајки, сепак имаат заболувања, што ги става во ризичните групи. И за сите нив најмалку важно е дали се вработени во приватниот или државниот сектор. Важно е дека институциите на системот не реагираат правовремено, а уште помалку водат грижа за некаков редослед во постапките, што во крајна линија најтешко го чувствуваат родителите и нивните деца.

До 9 септември има уште неколку дена, што надлежните ќе треба да ги искористат максимално за да се отстранат барем дел од постојните нејаснотии.